Светот е во многу опасен период на пандемијата на корона вирусот, а идентификувана е позаразната делта варијанта во речиси 100 земји, изјави шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреијус.
Тедрос на редовната прес-конференција на СЗО кажа дека делта варијантата, која за првпат се појави во Индија, продолжува да се развива и мутира и станува доминантен коронавирус во многу земји, пренесуваат американските медиуми.
-Веќе ги повикав лидерите ширум светот да обезбедат во ова време следната година речиси 70 отсто од сите луѓе, во сите земји, да бидат вакцинирани, рече Тедрос, додавајќи дека со тоа ефикасно ќе заврши акутната фаза на пандемијата.
Директорот на СЗО посочи дека три милијарди дози од вакцината се веќе распределени и дека во колективната моќ на неколку земји е да ја зајакнат и обезбедат дистрибуција на вакцините.