Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е потврден 131 случај на мајмунски сипаници и 106 сомнителни случаи од појавата на првата зараза на 7 мај надвор од делови на Африка каде што мајмунските сипаници вообичаено се шират, но здравствените власти велат дека епидемијата е „под контрола”.
Мајмунски сипаници се обично блага вирусна инфекција која е ендемична во делови од Западна и Централна Африка. Се шири претежно со близок контакт, а до избувнувањето на епидемијата, мајмунските сипаници ретко се појавуваа во други делови на светот. Повеќето од најновите случаи се пријавени во Европа.
„Ве охрабруваме сите вас да ја зголемите контролата над мајмунските сипаници за да видите каде се нивоата на пренос и да разберете каде се движи“, рече Силви Брајанд, директорка на Одделот за глобална подготовка за инфекции на СЗО, пренесе Ројтерс.
Таа рече дека сè уште не е јасно дали случаите се „врвот на ледениот брег“ или врвот на преносот веќе поминал.
Говорејќи на Светското здравствено собрание во Женева, Брајанд го повтори ставот на СЗО дека е малку веројатно вирусот да мутирал, но истакна дека преносот можеби е предизвикан од промената на човековото однесување, особено кога луѓето почнуваат се повеќе да се дружат по укинувањето на ограничувањата против ковид-19 ширум светот.
Многу случаи, но не сите, се забележани кај мажи кои имале сексуални односи со мажи, а Брајанд истакна дека е особено важно да се обиде да се спречи преносот на мајмунските сипаници преку сексуален однос.
Симптомите вклучуваат треска и карактеристичен осип. Западноафриканскиот вид на мајмунски сипаници, идентификуван во сегашната епидемија, има стапка на смртност од приближно еден процент.
Иако рече дека епидемијата „не е нормална“, Брајанд нагласи дека е „под контрола“. Достапни се вакцини и терапии, додаде таа, повикувајќи на соодветни мерки за сузбивање на мајмунските сипаници, повеќе истражувања и глобална соработка.
„Да не правиме од мува слон“, рече таа.