СЗО: Пандемијата создаде над 200.000 тони медицински отпад

by fokus

Над 200.000 тони медицински отпад, од што голем дел пластичен, се акумулираше ширум светот како резултат на пандемијата на коронавирусот, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), пренесе ДПА.

Според проценките на СЗО, од почетокот на пандемијата милијардите вакцини создале најмалку 144.000 тони искористени игли, шприцови и контејнери за собирање.

Дополнително, само меѓу март 2020 и октомври 2021 година Обединетите нации имаа испорачано 87.000 тони заштитна облека.

Германската агенција, повикувајќи се на СЗО, пренесува дека тестовите за коронавирус се дополнителни 2.600 тони отпад и 731.000 литри хемиски отпад.

Заштитните маски за приватна употреба не се вклучени во проценките, дополнува СЗО.

-Ковид-19 го принуди светот да се пресмета со празнините и запоставените аспекти на протокот на отпад и како ги произведуваме, користиме и отфрламе нашите ресурси за здравствена заштита, од колевка до гроб, изјави Марија Неира, шеф за животна средина, климатски промени и здравје во СЗО.

Организацијата повика на стратегии за заштита на луѓето и животната средина од лошо отстранетите заштитни облеки, комплети за тестирање и прибор за вакцинација.

Уште пред пандемијата, СЗО предупреди дека една третина од сите здравствени установи не се во можност правилно да го фрлаат својот отпад.

Поврзани новости