Светската здравствена организација (СЗО) оваа недела објави дефиниција за долг ковид, термин што се користи за да се опишат долготрајните здравствени проблеми што ги доживуваат луѓето што го прележале коронавирусот.
Научниците сѐ уште се трудат да го разберат овој синдром, пренесува Ројтерс.
СЗО го дефинира продолжениот ковид како состојба со најмалку еден симптом, кој обично почнува да се појавува во рок од три месеци од почетокот на потврдената или веројатна инфекција со коронавирусот, и трае најмалку два месеци.
Симптомите на продолжен ковид може да започнат за време на инфекцијата или да се појават за прв пат откако пациентот ќе оздрави од акутната болест.
Меѓу најчестите долготрајни симптоми наводно се замор, отежнато дишење и когнитивни проблеми.
Други симптоми вклучуваат болка во градите, проблеми со чувството за мирис или вкус, мускулна слабост и забрзано чукање на срцето.
Состојбата на продолжен ковид генерално има влијание врз извршувањето на секојдневните активности.
Ројтерс наведува дека точниот број на луѓето погодени од оваа состојба сѐ уште не е познат.
Студија од Универзитетот во Оксфорд, во која биле вклучени повеќе од 270.000 луѓе што го прележале коронавирусот, откри барем еден симптом во 37 проценти од случаите, при што симптомите биле почести кај луѓето на кои им била потребна хоспитализација.
Друга студија, од Универзитетот Харвард, која опфатила повеќе од 52.000 луѓе што го прележале вирусот и имале благи симптоми на инфекција или биле асимптоматски случаи, сугерира дека состојбата на продолжен ковид може да е почеста кај пациентите помлади од 65 години.
Наводно, многу од симптомите на оваа состојба исчезнале со текот на времето, без оглед на сериозноста на почетната болест ковид-19.
Во врска со вакцинацијата и состојбата на продолжениот ковид, помали истражувања покажаа дека некои луѓе со оваа состојба доживуваат подобрување на симптомите по вакцинацијата.
Американските центри за контрола и превенција на болести велат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврдат ефектите од вакцинацијата врз оваа состојба.