Пет камиони медицински материјали се подготвени и чекаат на границата Газа-Египет, објави Светската здравствена организација, поздравувајќи ја најавата на Израел дека нема да ги блокира конвоите со помош да влезат на палестинска територија.
„Нашите камиони се натоварени и подготвени за тргнување“, рече на прес-конференција генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој нагласи и дека се надева оти залихите ќе бидат испорачани веднаш штом ќе се отвори преминот Рафах, изразувајќи надеж дека тоа ќе биде утре.
Доставата помош се очекува да биде прва откако Израел се закани дека ќе воведе целосна блокада на тесниот Појас Газа, дом на 2,3 милиони луѓе, најави прекин на струја и се закани дека ќе ги исклучи храната и горивото како одговор на разорниот напад на Хамас врз израелските територија на 7 октомври.
Во меѓувреме се случија тешки израелски воздушни напади врз Појасот Газа, а ОН предупредија на хуманитарна катастрофа.