Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека барањето ранливите пациенти да се евакуираат од болница во Газа е „смртна казна“, а шефот на агенцијата го повика Израел да ја повлече својата одлука.
СЗО денеска соопшти дека локалните здравствени власти во Газа ја информирале дека е невозможно да се евакуираат ранливите болнички пациенти од северниот дел на Газа, откако израелската армија ги повика цивилите да се преселат на југ во рок од 24 часа.
„Има тешко болни луѓе чии повреди значат дека единствената шанса за преживување им е на апаратите за одржување во живот, како што се механичките вентилатори“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ за „Ројтерс“, додавајќи: „Да се преместат тие луѓе е смртна казна. Барањето од здравствените работници да го направат тоа е повеќе од сурово“.
Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, рече дека болниците во Газа се на „пресвртна точка“ и директно апелираше до Израел да се предомисли.
„Болниците во Газа се на тешка состојба. Без итна помош, основните здравствени услуги ќе застанат. Ја посетив болницата во Газа во 2018 година и тогаш беше во тешка состојба. Од прва рака знам дека масовна евакуација на југот на енклавата би била катастрофална – за пациентите, здравствените работници и другите цивили кои се оставени или фатени во опасно и можеби смртоносно масовно движење.Бараме да се промени одлуката“, изјави директорот на СЗО.