Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска ја поздрави резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за Појасот Газа, наведувајќи дека таа ја нагласува потребата од итни паузи и хуманитарни коридори за да се обезбеди безбедна достава на храна и здравствени залихи.на сите на кои им се потребни.
Покрај тоа, резолуцијата бара итно и безусловно ослободување на сите заложници, заедно со решавање на нивните медицински проблеми, рече Гебрејесус на мрежата X.
„Ова покажува редок знак на согласност меѓу членките на Советот за безбедност за време на овој конфликт, што е позитивен чекор напред. Сепак, најитното барање за жителите на Газа е итен прекин на огнот“, посочи шефот на СЗО.
Тој посочи дека не можат да се игнорираат разорните последици од претходните конфликти во Појасот Газа, вклучително и смртта на повеќе од 20.000 луѓе, главно жени и деца и повеќе од 53.000 ранети.
Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот усвои изменета, ослабена верзија на резолуцијата за Појасот Газа, која повикуваше на итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава, но го отфрли повикот за „итен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хамас.
При гласањето за оваа резолуција, 13 членки беа за, додека САД и Русија беа воздржани, објави претходно АП.