Главната научничка на Светската здравствена организација (СЗО) Сума Сваминатан денеска ги повика луѓето да не паничат поради појавата на Омикрон и рече дека е премногу рано да се извлечат заклучоци за новата варијанта.
Во интервју за Ројтерс Некст, Сума Сваминатан рече дека е невозможно да се предвиди дали Омикрон ќе стане доминантна варијанта на коронавирусот.
– Треба да бидеме подготвени и внимателни, но да не се паничи бидејќи сме во поинаква ситуација од пред една година, рече таа.
– Делта сочинува 99 отсто од инфекциите во светот. Оваа варијанта би требало да биде позаразна за да ја надмине Делта и да стане доминантна во светот. Можно е, но не е можно да се предвиди, рече Сваминатан.
– Мора да почекаме, да се надеваме дека е поблага … но прерано е да се заклучи за варијантата како целина, додаде таа.
Таа најави дека СЗО следната недела ќе свика глобална група на експерти за да ги одреди приоритетите за истражување на Омикрон.