Светската здравствена организација (СЗО) се откажа од плановите за објавување на првичните резултати од истрагата за потеклото на коронавирусот во Кина и најави дека целосниот извештај ќе го објави кон средината на март.
-Наместо прелиминарниот извештај, целиот извештај ќе биде презентиран следната недела, на 14 март, изјави денесак во Женева лидерот на експертскиот тим, Питер Бен Ембарек.
Ембарек ја предводеше групата од десетина научници, избрани од Светската здравствена организација (СЗО), да ги посетат болниците и истражувачките институти во Вухан, во централна Кина, каде што за првпат беше идентификуван новиот коронавирус, за да го откријат потеклото на Ковид-19.
СЗО денес не ги наведе причините за промена на планот за објавување на резултатите.
Мисијата на експерти на СЗО во Кина беше изведена по повеќемесечните преговори со кинеските власти, кои сакаа да спречат да бидат обвинети за пандемијата.
Резултатите презентирани на првата прес-конференција по патувањето во Кина беа нејасни. Ембарек, се чини, ја отфрли можноста вирусот да „побегнал“ од лабораторија во Вухан, туку ја изнесе тезата дека вирусот бил пренесен врз луѓето од лилјаци преку посредник, како што претходно се претпоставуваше.
Мисијата беше на удар на критичарите, а СЗО беше бомбардиран со обвинувања дека многу се потпира на премногу политички компромитирани кинески податоци и теренска работа.
Самите членови на тимот изјавија дека Кина не сакала да ги споделува клучни податоци со нив, затоа што можело да сугерираат дека болеста се ширела со месеци пред да биде препознаена.