Светската здравствена организација (СЗО) ги предупреди земјите со зголемен број на заразени со коронавирус да не доцнат со заострување на мерките за заштита.
– Колку побрзо се воведат мерките, толку потенцијално помалку ќе бидат потребни, изјави вчера во Женева експертот на СЗО Ковид-19, Марија ван Керхове.
Според неа, делта варијантата на вирусот што сега циркулира е многу позаразна од претходните варијанти.
-Неколку земји се во тешка ситуација и мора да воведат „многу строги“ мерки, рече директорот на СЗО за здравствени вонредни ситуации Мајк Рајан. СЗО, како и обично, не издвои ниту една земја, ниту ги коментираше потезите на владата на одредена земја.
Наведените мерки вклучуваат широко распространета употреба на маски, физичко растојание, обезбедување на добро проветрени внатрешни простории, избегнување собирање на мали простори и работа од дома каде што е можно.
Во Македонија пак активни се 8 415 случаи од кои најголем број 3797 се во Скопје, а дневниот број на заразени почнува да расте. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки.
– Апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни со тоа што треба да се почитуваат. Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата. Ние можеме да контролираме, но не може ниту една држава се да исконтролира. Затоа е свеста и совеста на граѓаните многу важна. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни, рече Филипче.
Според министерот, мерките се еднакви како во сите развиени земји, а излезот од кризата го гледа во вакцинацијата на населението. Филипче апелираше граѓаните масовно да не се собираат на претстојните семејни слави.
Според бројот на аплицирани вакцини, во земјава целосно се вакцинирани 39 проценти од целата популација, а 37 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во државава од почетокот на епидемијата изнесува 208 467, на оздравени пациенти е 192 745, а на починати е 7 307.