Џејси Нитоло (47), свршеницата на актерот Реј Лиота (67), кој ненадејно почина во сон во Доминиканската Република, се вратила во нивниот дом во Лос Ангелес.
Фотографии од Џејси, која расплакана ги вади куферите пред семејниот дом кој го делела со Лиота последните две години, објавија повеќе странски медиуми.
Како што информираат, таа била заедно со него во Доминиканската Република, каде тој го снимал филмот ,,Немирни води”.
Само два дена пред да почине актерот пак, медиумите објавија фотографии од парот, кој расположено вечера во ресторан.
Поради големиот интерес на јавноста во врска со Лиота, тамошните медиуми дури објавија и фотографии од собата во која бил сместен парот, и во која Реј починал. Станува збор за ресортот со пет ѕвезди, Касас Дел 16, во Санто Доминго.
Иако беа заедно две години, за љубовната приказна на Џејси и Лиота се пишуваше многу. Таа е мајка на четири деца од првиот брак, а пак тој има 23-годишна ќерка од првиот брак. Токму неговата ќерка Карен, која се дружела со синот на Џејси, предложила тие двајца да се запознаат.
На почеток бил скептичен дека врската со 20 години помлада жена ќе успее, но сепак актерот во последните интервјуа кажуваше дека ја нашол љубовта на неговиот живот во своите шеесетти години.
Актерот за прв пат се појави на големото платно во 1986 година во филмот ,,Нешто диво”, а најголема популарност стекна во 1990 година, со улогата во ,,Добри момци”.
Вики Клинчарова