„Свиткана“ или „скршена кичма“, тоа е изборот

by Фокус

Сосема исправно, Македонија го избра помалото, а Украина далеку поголемото зло. Затоа, никој нека не убедува никого дека изборот во меѓународната политика е меѓу „исправена“ и „свиткана“ кичма. Изборот во меѓународната политика е меѓу „свиткана“ и „скршена“ кичма

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Иако нашата поговорка вели дека ниту се водиме, ниту се тераме, водство е она што ѝ треба на македонската држава. За жал, нашето поимање на демократијата е само броење гласови и ослушнување што носи изборна победа кај народот.

Тој пристап во домашната и во меѓународната политика секогаш не e продуктивен. Во меѓународната политика, на пример, изборот за една земја е меѓу лошо и помалку лошо.

Иако решенијата на спорови почиваат врз тешки компромиси, кои, патем речено, ги прават и најмоќните држави во светот, кај нас упорно обвинуваат за „виткање кичма“.

Не разбираат нешто што го разбра, пред години, оревчето во мојата бавча во Езерски лозја, кое никна под еден застрашувачки зелен свод на жива ограда спремна да го проголта.

Имено, стануваше збор за жива ограда, која е способна да кутне големи дрвја или да извитка железна ограда. Кога извиши до живата ограда, оревчето ја „свитка кичмата“, го подискриви стеблото и вивна кон сонцето.

Некоја година потоа, кога новиот сопственик на дел од бавчата реши да ја искорне живата ограда за да си отвори поглед кон езерото, целосно се сменија околностите во прилог на оревот. Умниот орев преживеа поради одлуката да „свитка кичма“.

СИЛНИТЕ И СЛАБИТЕ

Така и со македонската држава, која прогласи самостојност во 1991 година: таа мораше да „витка кичма“ за да преживее во надеж дека променетите меѓународни околности ќе одат во прилог на нејзиниот опстанок.

Во 1990-тите, време на голема еуфорија околу победата на демократијата и на „новиот светски поредок“, во кој силата ѝ го отстапува местото на меѓународното право, дилемата на оревот не беше толку јасна.

Имено, кај луѓето се создаде привид, илузија, за свет во кој сите држави, големи и мали, се еднакви и дека сите ќе ја пригрлат демократијата, меѓународното право и мирот.

Сеќавајќи се на тие години на соработка со Јелцин, американскиот претседател Клинтон вели дека сите искрено верувале дека и довчерашниот непријател ќе им се приклучи на демократските држави и сите ќе живеат во една заедничка зона на мир и демократија.

Мојата дилема тогаш беше како, во услови на таков идеализам, да ѝ објаснам на јавноста дека сè уште важат лекциите на старите мајстори на политиката, па поради честото повикување на Тукидид станав и предмет на потсмев кај некои луѓе.

Па, нели стасавме до крајот на историјата? Нели е ова дефинитивна победа на мирот и на демократијата во светот? Овие прекрасни тези беа спротивни на сето дотогашно искуство на човештвото, и токму затоа ги освоија срцата на луѓето во Европа, во светот, па и во Македонија.

Зашто, историјата на односите меѓу државите илјадници години наназад, е она на „природната состојба“, во која „силните го прават она што можат, а слабите она што мораат“. Токму како оревчето во мојата бавча соочено со живата ограда заканувачки надвисната над неговата глава.

ЗАВРШИ УНИПОЛАРНИОТ МОМЕНТ

Потврда дека, сепак, живееме во светот на Хобс, а не на Кант, видовме триесетина години по прогласувањето на дефинитивната победа на демократијата и мирот во светот.

Всушност, заврши униполарниот момент, а големата сила со нуклеарно оружје, Русија, реши да ја парчоса соседната послаба држава Украина, предизвикувајќи ужасни страдања на милиони луѓе.

И сега се прашуваме: требаше ли Украина да „витка кичма“? „Виткање кичма“ ќе значеше поинаква внатрешна политика кон руското население во Украина и поинаква надворешна политика кон Русија.

Автономија за руското население во Доњец и Луганск, со почитување на нивниот „Охридски договор“, односно „Минск 1“ и „Минск 2“. Автономија каква што украинските националисти не можеа да проголтаат, па затоа отворено го саботираа решението, кое ќе ја спасеше земјата од уништување.

И, требаше ли Украина да потпише „Преспански договор“ со Русија за расчистување на историските теми и за „промена на името“, или требаше нејзините националисти да буричкаат со стап во окото на руската мечка?

Од оваа перспектива на разурната земја, чие постоење е доведено во прашање, секој разумен би одговорил потврдно. Требало ли да се провоцира Русија со некакво „знаме од Вергина“? Веројатно не.

Се разбира, ништо од кажаново не ја оправдува постапката на рускиот автократ Путин, за кого, само кога не би поседувал нуклеарно оружје, најдобрата лекција би била да ја загуби војната оти преседанот на распарчување послаби држави нè засега и нас и не треба да помине неказнето.

„ФИЌО“ И „СКАНИЈА“ НА РАСКРСНИЦА

Затоа, политичкото водство на секоја држава, власт или опозиција, треба да ги знае лекциите на школата на реалистите.

Кога на почетокот од нашата независност, при една посета на Брисел, повикувајќи се на меѓународното право, интервенирав против една од грчките блокади на нашата држава околу употребата на кодот МК, луѓето таму ме посоветуваа да ја одбегнуваме улицата по која шета насилникот, кој може да нè претепа (економски во случајов), иако фактите кажуваат дека правото е на наша страна.

Кога на моите студенти им ја објаснував меѓународната политика, споредувајќи ја нашата држава со „фиќо“ на раскрсница, кое има „зелено“, а посилната држава ја споредив со „сканија“, на која ѝ свети „црвено“, а не мисли да запре, некои го доживеаја тоа како лична навреда.

Тешко им беше да кажат дека, во тој момент, возачот на „фиќото“ треба да „свитка кичма“ и да застане, без оглед што правото е на негова страна.

Украина немаше политичари што би го сториле тоа за да се избегне трагичниот судар, во кој има над 100.000 воени и 20.000 цивилни жртви и милиони раселени.

Но, резервите на патриотизам се неисцрпни. Компромисите направени за да се спаси народот (Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија) сè уште се предавство во лексиката на партии и интелектуалци. Зошто?

Затоа што претставниците на малата и етнички комплексна македонска држава не ја исполниле желбата на македонскиот народ да го сочува неговото достоинство, една од задачите на секоја суверена држава.

Е па, Украина покажа дека постои повеќе од еден начин да се загуби достоинството. И повторно, изборот е меѓу две зла. Сосема исправно, Македонија го избра помалото, а Украина далеку поголемото зло.

Затоа, никој нека не убедува некого дека изборот во меѓународната политика е меѓу „исправена“ и „свиткана“ кичма. Изборот во меѓународната политика е меѓу „свиткана“ и „скршена“ кичма.

НИКОЈ НЕ Е СЕМОЌЕН

Во заклучок, две нужни објаснувања. Прво. Сите „виткаат кичма“ во меѓународната политика, па и најсилните, зашто никој не е семоќен: Америка пред Кина, Кина пред Америка, во настојување да избегнат директен судир околу Тајван, дури Америка „витка кичма“ пред Северна Кореја за да не биде погодена со ракета, па да мора да спржи цел еден народ со тотален нуклеарен напад.

Македонија свитка кичма под притисок на Грција и го смени името и ставот кон античкото минато. Грција, под притисок на Америка, свитка кичма и го „погази достоинството на грчкиот народ“ 70 процент од кој е против „Преспа“.

Македонија „свитка кичма“ и потпиша договор во кој стои дека имаме „заедничка историја“, Бугарија „свитка кичма“ под притисок на Западот и го крена ветото.

Словенија свитка кичма кога на прашање од новинар кој е ставот на државата кон американската интервенција во Ирак, министерот за надворешни работи одговори дека Словенија е премала за да има став. Треба ли да набројувам натаму?

Второ. Зошто Америка не изврши силен притисок врз Киев да ги спроведе договорите од Минск, каков што изврши врз Скопје за Охридскиот договор?

И зошто директно не се ангажираше, како во грчко-македонскиот случај, Украина и Русија да потпишат „Преспански договор“, во кој би се средиле прашањата од историјата и Украина „би го сменила името“: место членка на НАТО, би се викала неутрална држава?

Затоа што интересот на Америка да го ослабне нуклеарниот ривал Русија е посилен од оној да се сочува Украина. На состанок во ОН, Џулиус Њерере, скромниот претседател на Танзанија, вака ја објасни позицијата на малите држави во светската политика.

Сите ја знаете африканската поговорка дека кога се тепаат слоновите, страда тревата, рече. Но, она што научив од искуство е дека тревата страда и кога слоновите водат љубов.

Тоа се реалностите на меѓународната политика. Да ги разбереме и да престанеме да плачеме врз својата судбина. Ако сакаме да опстанеме, што е основната задача на малите држави, треба да се прават компромиси.

„Свиткана кичма“ или „скршена кичма“ е изборот во меѓународната политика. Она со „исправена кичма“ е измама за гласови.

Поврзани новости