Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од свиркачи го добила договорот со „Бехтел и Енка“, изјави денеска лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој рече дека во следниот период ќе објават делови од него. Ако не е истиот договор, додаде тој, Владата може да демантира.
„Морам да кажам дека од свиркачки го добивме целиот договор. Не знам дали е тој истиот, но еве ние ќе објавуваме во јавноста па Владата нека демантира дали е тоа така или не е тоа така. Ние го добивме истиот од свиркачи кои го доставија и го анализираме“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека секое јавно настапување ќе се користи за објавување нешто ново.
„Еве денеска можеме да кажеме дека овој договор на Ковачевски и Груби или е скандалозен по стотина основи и секое излегување во јавноста по еден основ ќе објавуваме. Ќе кажам денеска дека во договорот има еден елемент кој вели дека законодавството пред кој овој договор одговара е законодавството на Англија и Велс“, истакна Мицкоски.
За него е спорно и тоа што освен во клучните зборови на почетокот на Договорот никаде го нема зборот ФИДИК, меѓународниот стандард по којшто се реализираат меѓународни договори.