„Свињо, ќе те колам на плоштад“ напишал на социјалните мрежи 39 годишник од кумановско Черкези кој сега се соочува со кривична пријава за закани врз премиерот Мицкоски.
Оваа информација ја објави самиот премиер на прес-конференцијата попладнево.
„Сум бил свиња и сакал да ме коле на Плоштад“- рече премиерот одговарајќи какви закани добил.
Мицкоски рече дека да не бил на позицијата на која што е во моментов, знаел како се решаваат вакви проблеми.
„Јас сум сепак институција. Кога не би бил, знам како се решаваат овие работи. Претпоставувам дека институциите си ги презеле надлежностите. МВР ги презело работите од своите надлежности, се надевам судовите ќе постапат согласно своите надлежности“, изјави Мицкоски.
Инаку, Обвинителство побара, а Кривичниот суд му одреди осумдневен притвор на осомничениот за заканите.