Трагедија во Хрватска: Македонец загина при работа на железничка пруга

by irena 17:13
17:13

Триесет и тригодишен македонски државјанин го загубил животот во тешка несреќа при работа на железничка инфраструктура во Хрватска, во близина на Загреб.

Трагичниот настан се случил во неделата, околу 8:45 часот, на железничкиот надвозник Сава – Јакушевец, во местото Мичевец, во близина на Велика Горица.

Според информациите од хрватската полиција, станува збор за работник кој бил ангажиран во компанија што изведувала градежни работи на железничката инфраструктура. Тој имал регулиран престој во Хрватска.

Во времето на несреќата, по пругата се движело специјално товарно моторно возило наменето за одржување на железничката инфраструктура, со кое управувал 59-годишен машиновозач.

Од причини кои сè уште се истражуваат, македонскиот државјанин паднал на пругата, при што се здобил со тешки повреди од кои починал на самото место.

На местото на несреќата бил извршен увид под раководство на заменичка на Општинското државно обвинителство во Нов Загреб, во соработка со полициски службеници од Загреб. Во истрагата биле вклучени и инспектор за заштита при работа, како и претставник на надлежната агенција за истражување несреќи во железничкиот сообраќај.

Телото на починатиот било пренесено во Заводот за судска медицина и криминалистика во Загреб, каде што треба да се извршат потребните испитувања.

Слични вести