Светските организации ги прозваа лидерите на Г7 за еднаков пристап до вакцини

by Fokus

Светските лидери мораат да преземат „нова обврска“ да работат на поправедна дистрибуција на вакцините против ковид-19 на планетата со цел да се изборат против пандемијата, повикаа четирите најголеми меѓународни организации: Светската здравствена организација (СЗО), Светската трговска организација (СТО), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

Тие ги повикаа земјите од Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Јапонија) пред неговиот самит во Велика Британија, во јуни, со 50 милијарди долари да ја финансираат програмата за борба против пандемијата која ја подготви ММФ и веќе беше презентирана на Самитот за здравство што се одржа во Рим.

-Таквата финансиска инјекција ќе овозможи значително зголемување на производството на дијагностичка опрема, лекови, кислород, медицинска опрема и вакцини за поправедна дистрибуција, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.

Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, кажа дека е клучно да се забрза синџирот на снабдување со цел да се скрати времето од производство на вакцини до нејзина примена.

Според плановите, до крајот на годината би се вакцинирале најмалку 40 проценти од светската популација, додека до крајот на 2022 година на барем 60 проценти, а сето тоа со цел да се овозможи трајно закрепнување на светската економија.

Ова не првпат пат да се повикува на еднаква дистрибуција на вакцините. Првите луѓе на СЗО, СТО ММФ и Светска банка, исто така вчера објавија и заедничка статија во „Вашингтон пост“, во која наведуваат дека нееднаквиот пристап ја предизвика појавата на соеви на коронавирусот, што предизвика ново ширење на епидемијата во земјите во развој.

 

Поврзани новости