Светските лидери денеска го осудија обидот за атентат на Доналд Трамп на неговиот предизборен митинг во Пенсилванија, каде што поранешниот американски претседател беше застрелан во десното уво, додека учесникот на митингот и напаѓачот беа убиени, а уште две лица беа тешко повредени.
Лидерите на многу земји, како што пренесуваат американските медиуми, го изразиле својот шок поради настанот, го осудија политичкото насилство и му посакаа на Трамп брзо закрепнување.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека „во Америка нема место за вакво насилство“.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека светот мора цврсто да се спротивстави на секоја форма на насилство што ја доведува во прашање демократијата.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е „згрозен од шокантните сцени“ на митингот на Трамп во Батлер.
„Политичкото насилство во која било форма нема место во нашите општества и моите мисли се со сите жртви на овој напад“, рече тој.
Австралискиот премиер Ентони Албанесе рече дека атентатот е вознемирувачки, додека канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека политичкото насилство никогаш не е прифатливо.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека е шокиран од пукањето, а унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се сретна со Трамп оваа недела за време на неговата посета на САД на самитот на НАТО, рече дека неговите молитви биле со поранешниот претседател „во овие тешки часови“.
Индискиот премиер Нарендра Моди му посака на својот пријател Трамп брзо закрепнување.
– Сè уште сме сведоци на неприфатливи акти на насилство врз политиката – напиша на Икс високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Додека претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека е „длабоко шокирана“ од инцидентот.
– Политичкото насилство нема место во демократијата. Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување, објави Лајен на Икс.
И претседателот на Украина, Володимир Зеленски на Икс напиша дека е згрозен од веста за пукањето врз Трамп.
– Вакво насилство нема никакво оправдување и нема место никаде во светот. Насилството никогаш не победува. Мило ми е што дознав дека Доналд Трамп е добро и му посакувам брзо закрепнување. Изразувам сочувство до роднините на учесникот во на митингот, кој стана жртва на нападот, им посакувам сила на сите кои се ужаснати од овој настан, се надевам дека Америка ќе излезе посилна од ова, истакна Зеленски.
Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва пукањето врз Трамп го оцени како неприфатливо.
– Нападот врз поранешниот претседател Доналд Трамп мора одлучно да го осудат сите бранители на демократијата и дијалогот во политиката. Она што го гледаме денес е неприфатливо, посочи Силва.