Светски познатиот виолинист од Литванија Џулијан Рахлин, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Ова на прес-конференција го најави директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ, објавувајќи ја фестивалската програма за ова издание.
-Годинава за Свеченото отворање на Античкиот театар ви најавувам грандиозен концерт со светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти кој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација.
Славниот виолинист и диригент ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, изјави Поповиќ.
Античкиот театар, Долни Сарај, Црквата „Света Софија“ и нејзиното предворје, како и Центарот за култура „Григор Прличев“ и годинава ќе бидат локациите на кои ќе се случуваат најголемите уметнички настани од 12 јули до 20 август.
– Од 12 јули до 20 август на отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје „Св. Софија“, како и Црквата „Св Софија“ и Центарот за култура ќе пречекаме над 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и секако, уметници од Република Северна Македонија, најави Поповиќ.
Уметничката програма конципирана од селекторката Бисера Чадловска и Сања Арсовска ќе донесе 36 неповторливи доживувања од кои најголемиот дел од областа на класичната музика, шест театарски креации, и по една изложба и промоција на книга.
-И оваа година зачекоривме со голема возбуда, но и со стремеж да го зачуваме реномето на најпрестижна културно-сценска манифестација. Предизвикот да се биде домаќин на уште едно незаборавно издание на фестивалот „Охридско лето“ нѐ обврза да понудиме квалитет со кој на сцената по 64 -ти пат ќе одекне магијата на бројните светски музички гласови и творечкиот дух на врвните театарски претстави.Изминатиов период, работејќи посветено и професионално, успеавме да ги завршивме подготовките во делот на програмата.
Посебно ме радува што и годинава успешно го реализиравме проектот, „Концерти преку цела година“, со што понудивме исклучително квалитетни настани. Со ваквата новина обезбедивме континуитет во поглед на успешна и квалитетна програма која ќе му даде обележје на фестивал кој ги следи светските трендови, појасни директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Селекторката на музичката програма Бисера Чадловска, рече дека секоја година ја конципира програмата на фестивалот „Охридско лето“ според искуството од претходната година.
-Се трудам да ги следам реакциите на публиката и моите сопствени впечатоци и да дојдам до заклучок што недостасува и што би можело се промени, додаде или одземе. Оваа година, шеесет и четвртото издание на фестивалот, на публиката ќе и донесе исклучителна можност да го слушне еден од најпознатите светски виолинисти, Џулијан Рахлин. Уште поинтересно е што тој ќе настапи како диригент и виолинист, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Исто така, како селектор на музичката пограма, но пред сѐ, како диригент, среќна сум што Македонската филхармонија ќе настапи на отворањето на фестивалот „Охридско лето“ после подолго време, токму во годината кога институцијата одбележува 80 години од нејзиното постоење, рече Чадловска.
Репертоарот на класичната музика ќе донесе звучни имиња меѓу кои пијанистот Бери Даглас од Велика Британија, гитаристот Герхарт Рајхенбах од Германија, како и француско-белгиското дуо на виолончело и пијано Ками Тома и Џулиен Брокал. На програмата ќе биде и светски познатиот гитарист Влатко Стефановски. Роденденот на „Охридско лето“ на Долни Сарај ќе се прославува со спектакуларен настан, со салса ансамблот „Меркадонегро“.
Годинешното „Охридско лето“, според драмската селекторка Сања Арсовска, ќе донесе разнолика театарска авантура, разноликост во стиловите, формата, естетиката и драматургијата, и како што рече, на ова издание ќе има три премиерни изведби.
-Првата премиера на „Охридско лето“ ќе се случи на 22 јули со претставата „Галеб“ на Битолскиот народен театар, а во режија на Багријана Попов. После ова, на 28 јули, следи уште една премиера на Шекспировата „Крал Лир“ во продукција на Lit Moon theatre company од Калифорнија, САД, а во копродукција со Финска, Ерменија, Македонија. Претставата е режирана од Џон Блондел. Третата премиера е од театарот „Џинот“ од Велес на 30 јули. Се работи за претставата „Рацин“, работена според делото на нашиот непослушен комунистички романтичар, по драматизација на Сашо Димовски, а режија на Дејан Пројковски, најави Арсовска.
Покрај премиерите, драмската програма на 64-тото „Охридско лето“ ќе ги донесе и театарските претстави „Безгрешна“ со СНГ драма од Марибор, „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмски театар Белград, стенд-ап шоу на српскиот и холивудски актер Никола Ѓуричко, како и претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во продукција на Југословенскиот драмски театар Белград која ќе ја спушти завесата на годинешното фестивалско издание.
На прес-конференцијата беше претставено и годинешното идејно решение за рекламниот материјал изработено од маркетинг агенцијата „Идеа плус“. Дизајнот прикажува стилизирана женска фигура која свири виолина, стоејќи на традиционален охридски чун.
Музичките ноти околу фигурата ja симболизираат хармонијата на музиката и природните убавини на Охрид, со фенерот како симбол кој фестивалот го позиционира како водилка низ светот на културата. Изборот на темно-сината позадина со контури на маски има за цел да создаде мистична и спокојна атмосфера, потсетувајќи на долгогодишната традиција и театарот како дел од фестивалот.
И на 64-тото издание нема да изостане поддршката што фестивалот „Охридско лето “ традиционално ја добива од Амбасадите на странските земји кај нас. Директорката Поповиќ изрази огромна благодарност до Претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова како покровител на манифестацијата, до Владата на РС Македонија која преку ресорното Министерство за култура вложува во развојот и унапредувањето на културата во државата, до Општина Охрид како и до генералниот спонзор на „Охридско лето“ , Македонски Телеком, до останатите спонзори, помагателите, до медиумите и сите љубители на уметноста и културните вредности.
Вики Клинчарова