“Ја имаме честа како почесни гости и стручно жири, да дојдат повеќе великани во светската гастрономијата, вистински гастрономски гуруа, од сите страни на земјината топка, од Канада до Русија, од Исланд до Кипар.“, изјави Адријана Алачки, Претседателката на ГастроМак.
Шеесетина врвни Master Chef судии и околу тристотина натпреварувачи и гости од цел свет го потврдија учеството на најголемиот кога било одржан кулинарски настан во поширокиот регион, не само во нашата земја. Вториот Интернационален Гастрономски Натпревар – ГастроМак Македонија 2017, годинава ќе се одржи од 25 до 28 октомври во Струмица, а домаќин ќе биде Хотелот Вила Парк. Големиот настан кој што е влезен во календарот на глобалните случувања од ваков тип, е во организација на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија – ГастроМак, со несебична логистичка поддршка од WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот.
“Годинешната манифестацијата ќе ја кренеме на највисоко рамниште и планираме во иднина да ја направиме традиционална годишна натпреварувачка ревија на шефови на кујни од светски размери во Македонија. На годинешниот интернационален натпревар имаме чест, како почесни гости и стручно жири, да дојдат повеќе великани во светската гастрономијата, вистински гастрономски гуруа, од сите страни на земјината топка, од Канада до Русија, од Исланд до Кипар.“, изјави Адријана Алачки, Претседателката на ГастроМак.
Натпреварот, кој што годинава се одржува под мотото “Залче од светските вкусови!”, практично, под универзалното знаме на гастрономијата ќе го обедини светскиот готвачки крем, кој што во Струмица ќе го претставуваат судии, натпреварувачи и гости од триесетина земји, како што се: Португалија, Русија, Италија, Чешка, Велика Британија, Полска , САД, Канада, Србија, Словенија, Израел, Бугарија, Турција, Хрватска, Азербејџан, Романија, Пакистан, Грција, Албанија, Кипар, Исланд, Украина, Монголија, Босна и Херцеговина, Индија и, секако од Македонија.
На петдневниот настан во струмичкиот хотел Вила Парк, врвните кулинирски шефови ќе си ги одмеруваат силите во три натпреварувачки денови, 25, 26 и 27 октомври и тоа во 33 категории, поделени во четири сегемнти: топло и ладно готвење, карвинг (изработка на фигури од овошје и зеленчук), како и подготовка на пица. Во исто време, во едукативниот дел, десетина експерти со Master Chef титулата ќе одржуваат повеќе Мастер класови. Манифестацијата ќе биде од отворен карактер, така што сите заинтересирани ќе можат да ѕирнат зад готвачките боксови како се подготвуваат јадењата и десертите, но и да ги вкусат. Исто така, посетителите ќе можат да уживаат и во презентациите, дегустациите и другата програма што ја има подготвено ГастроМак асоцијацијата за време на сите денови на настанот.
ГастроМак, Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, како единствена и ексклузивна национална асоцијација која што и формално ја претставува Република Македонија во интернационални рамки под закрилата на WACS, е oснована во мај 2016 година, од група врвни професионалци во гастрономијата, туризмот и во менаџментот во угостителството, потоа студенти и средношколци, но и аматери ентузијасти од сите сфери, кои што имаат доприрна точка со кулинарството. Целта на Асоцијацијата е да се грижи за богатата гастрономска традиционална култура на нашето македонско поднебје, како и промоција на едукативниот процес кај готвачите и воведување на светските кулинарски трендови во чекор со современата македонска кујна.