Меѓународен тим од истакнати научници предупреди дека климатските промени предизвикани од човечки активности ја туркаат нашата планета во „опасна нестабилност“.
Како што понатаму предвидуваат, тоа би можело да ги загрози животите на до шест милијарди луѓе до крајот на векот.
Во студијата „Climate State Report 2023: Entering Unexplored Territory“, објавена во списанието Bioscience, се посочени конкретни климатски настани оваа година.
Тоа укажува на невидени топлотни бранови низ светот, рекордни температури на океаните и историски ниски нивоа на мраз околу Антарктикот, кои покажуваат дека планетата Земја влегува во „неоткриена територија во однос на климатската криза“.
Доколку не се преземат итни мерки, научниците предупредија на „потенцијален колапс на природните и социо-економските системи“, неподносливите горештини, честите екстремни временски настани, недостигот на храна и свежа вода, зголемувањето на нивото на морето, нови болести и зголемени социјални немири и геополитички конфликти.
„Животот на планетата Земја е под опсада. Сега сме на непозната територија. Веќе неколку децении, научниците постојано предупредуваат за иднината обележана со екстремни климатски услови поради ескалацијата на глобалните температури предизвикани од човечки активности кои испуштаат штетни стакленички гасови во атмосферата. За жал, времето истече“, предупреди тим од 12 научници од САД, Австралија, Германија, Бразил, Велика Британија, Кина, Холандија и други земји.
Во нивниот извештај се посочува дека во текот на 2023 година биле срушени голем број рекорди поврзани со климата и имало загрижувачки природни катастрофи, додека во исто време човештвото постигнува минимален напредок во борбата против климатските промени.
Имаше 38 дена оваа година кога просечната глобална температура беше повеќе од 1,5 степени над прединдустриските нивоа, а се проценува дека оваа година веројатно ќе биде најтоплата досега.
За да се запре глобалното затоплување, научниците нагласуваат дека е неопходно да се елиминираат емисиите на гасови од фосилните горива.
Во извештајот се наведува дека иако потрошувачката на обновлива енергија е зголемена за 17 отсто од 2021 до 2022 година, таа сепак е 15 пати помала од потрошувачката на енергија од фосилни горива.
Научниците укажуваат дека војната во Украина ја забрза транзицијата кон обновливи извори во Европа, но и дека принуди некои земји да преминат од руски гас на јаглен и драстично да ги зголемат субвенциите за фосилни горива.