Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи – „ОТВОРИ ОЧИ И СО ПАМЕТ! ВО СООБРАЌАЈОТ НЕ СИ САМ“

by Fokus

По повод 19. Ноември, прогласен од Обединетите Нации за Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи, рудникот за олово и цинк САСА, во партнерство со Општина Македонска Каменица и Министерството за внатрешни работи, започнува со реализација на Проект за подигнување на јавната свест и зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Основен мотив за започнување на ваков проект беше зголемениот број сообраќајни несреќи кои се случија во изминатите неколку години во кои беа повредени или животот го загубија жители на Македонска Каменица, меѓу кои и вработени и членови на семејства на вработени во САСА.

Општината, во соработка со надлежни институции, ќе изработи соодветен технички проект со кој треба да се идентификуваат критичните точки и да се предвидат соодветни решенија за подобрување на локалната сообраќајна инфраструктура.

Во светски рамки 1,35 милиони луѓе годишно го губат животот во сообраќајни несреќи, а повеќе од половина од сите смртни случаи во сообраќајот се пешаци, велосипедисти и мотоциклисти.

Повредите во сообраќајот на патиштата ширум светот се водечка причина за смртност кај децата и младите на возраст од 5 до 29 години.

Во изминатите нешто повеќе од пет години, на територијата на општина Македонска Каменица, во просек се регистрираат речиси по две сообраќајни незгоди месечно и по една жртва годишно.

Поврзани новости