Македонската економија може да влезе во стагфлација, предупредува Светска Банка во есенскиот извештај.
Со оглед на ризикот од стагфлација, земјата ќе мора да почне со реализација на реформите кои можат повторно да го зајакнат растот на среден рок.
Банката предупредува на можноста Македонија да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст, проследен со високи стапки на инфлација.
За годинава, Светска Банка очекува инфлацијата во земјава да биде 12,1 отсто, наредната година 6,1 отсто, а во 2024 година да се спушти на три отсто.
Во извештајот пишува дека додека војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните.
Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите.