Со фактот дека луѓето со кои работам ме предложија, јас веќе ја добив наградата. Кога ми се јавија од ЗНМ да ме известат, бев изненадена, но и среќна, рече уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова, која е добитничка на наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ што ја доделува Здружението на новинари на Македонија.
-Ова е двојна награда за мене. Прво, неопходно е да се биде во служба на јавниот интерес и контролор на секоја власт. Кога беа едните на власт, не си ги нарушив принципите и два пати менував работно место. Кога беа вторите на власт, ме влечеа по судски процеси.
Второ, иако новинарството го дава индивидуалноста, потребен е и редакциски тим, позитивна атмосфера. Тоа даде резултат во „Без наслов, но со повод“, но тоа го имам и во „Фокус“, со одлични колеги, рече Костова.
Во својот говор го спомена и основачот на „Фокус“, Никола Младенов, заради кој, како што рече, заминала да работи во овој медиум.
– Честопати жестоко полемизиравме со саати, но се согласувавме дека светот го движи напред борбата на мислења, а не едноумието, порача Костова, која заедно со Младенов ја водеа битката за зачувување на неделникот „Фокус“, во време кога тогашната власт преку судски процеси со големи парични казни се обидуваше да го згасне критичкиот дух на медиумот.
По смртта на Младенов, токму по иницијатива на Костова се рестартираше неделникот, а по извесно време се отвори и електронското издание на „Фокус“.
Инаку, новинарката Соња Колевска-Делевска, од СДК е овогодишната добитничка на наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија за нејзиниот серијал текстови за случајот со Тони Сали, младо момче, лице без државјанство, кое минатата година почина откако цела деценија водеше битка за да добие матичен број и извод на родени.
Наградата за известување на теми од локално и регионално значење, пак, ја добија новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова од порталот Дума.мк.