Хамас: Денес експлодира гневот на нашата нација

by Fokus

Радикалната палестинска група Хамас со изненадувачка офанзива започна напад без преседан врз Израел, со над 5 илјади истрелани ракети, бројот на загинати и повредени од час во час расте, а во земјата е прогласена воена состојба.

Борците на Хамас навлегоа и на израелска територија, а борби се водат меѓу воените бази, но и на улиците на неколку населени места.

Според информациите, до сега се заробени и десетици израелци кои потоа се однесени во Појасот Газа. На социјалните мрежи пак, се објавени и видеа од убиени израелски војници, но и од уништени тенкови.

Изненадувачки фактор е и неконвенционалниот начин на војување со кој што Хамас го спроведе за нападот. Нивните борци успеаја да се пробијат и преку преминот Ерез кој важеше за еден од најобезбедуваните во Израел, а дел од нив на израелска територија влегоа и со параглајдери, за што самите се пофалија на социјалните мрежи

Додека траат борбените дејствија, палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека палестинскиот народ има право да се брани од како што наведе, „теророт на доселениците и окупаторските сили“. Во пресрет на нападот пак, еден од командантите на Хамас кој важи и за нивен портпарол преку видео порака истакна дека ова е само почеток на акцијата наречена „Бура Ал Акса“.

Денес експлодира гневот на Ал Акса, гневот на нашата нација и нашите праведни муџахедини.

Хамас, или Движењето на исламскиот отпор (Ḥarakat al-Muqāwamah al-Islāmiyyah) е милитантно движење на палестинските националисти на Западниот Брег и Појасот Газа, кое се залага за создавање на независна палестинска држава во историските граници.

Хамас е формиран во 1987 година од шеикот Ахмад Јасин, како палестинска подружница на Муслиманското братство, со главна цел да се воспостави исламска држава на територијата која ги опфаќа Израел, Појасот Газа и Западниот Брег.

„Сакаме да ги кренеме знамињата на Алах над секој дел од Палестина“, се вели во основачкиот акт на Хамас, кој во меѓувреме беше наведен како терористичка организација од САД и Европската унија. Поддржувачите на Хамас се залагаат за „света војна“, односно џихад, кој во претходните децении главно се однесуваше на акции насочени против Израел.

Поврзани новости