Страшното невреме кое синоќа го зафати Халкидики, се почуствува и во Паралиа, Катерини, омилената летна дестинација на многу наши граѓани.
Силниот ветар проследен со дожд носеше се пред себе. Започна ненадејно, околу 23 часот, а многубројните туристи, помеѓу кои имаше десетици Македонци, Срби и други, кои во тој момент се најдоа на шеталиштето во центарот на градот, беа засолнети во црквата. Свештениците веднаш ги внесоа внатре исплашените луѓе, кои останаа додека да престане бурата. И локалните ресторани и кафетерии внатре ги засолнија минувачите. Сопственици на угостителски локали, среде невремето, излезени пред локалите повикуваа туристите да влезат во нивните објекти, додека ветерот носеше се пред себе.
Најмалку шестмина туристи, меѓу кои и две деца, загинаа, едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, причинета е голема материјална штета и има прекин на снабдувањето со електрична енергија во невремето што вчера ја зафати Северна Грција, а најпогодени беа делови од Халкидики.
Кусо по полноќ, во поширокиот регион на Халкидики беше прогласена вонредна состојба, а министерот за цивилна заштита на Грција рано утрово одржа вонреден владин состанок за првична проценка на ситуацијата.
До овој момент нема информации за настрадани државјани на Македонија.
Вики Клинчарова