Тони Јанкоски, кој во 2011 година бил началникот за економски криминал во МВР, немал информација дека се подготвува апсење на Љубе Бошкоски, за случајот „Кампања“, иако како што самиот рече неговата единица била надлежна за вакви предмети, но како што појасни, имало и други единици кои можеле да водат вакви акции.
Ова на денешното рочиште за случајот „Тортура“, односно за нечовечкото апсење на Љубе Бошкоски, го кажа сведокот Јанкоски. Во овој случај обвиенет е екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и уште неколкумина припадници на МВР.
-За акцијата не бев известен се до денот на реализацијата. За тоа може да има повеќе причини, поради конспиративност, не сум бил на работа или слично, рече сведокот.
Сепак тој истакна дека ја потпишал кривичната пријава, иако како што рече не бил вклучен во изготвувањето на пријавата и не му биле познати детали. Сведокот исто така посочи дека не ја дал наредбата да се апси Бошкоски.
По овој сведок исказ даде и тогашниот раководител на Единицата за борба против корупција, Жарко Спасески, а надреден му бил претходниот сведок, Јанкоски.
-Тој предмет го водеше мојата единица, а Владимир Крстевски, како главен инспектор. Во почетокот само ние двајца го работевме предметот. За апсењето бев известен на телефон, мислам дека ме извести тогашниот началник на одделението за сузбивање на сериозен и организиран криминал, Митко Чавков, сведочеше сведокот.
По него сведочеше и Владимир Крстевски, кој бил на позицијата главен инспектор. Ниту тој не знаеше кој ја дал наредбата за апсење на Бошкоски.
Детали за акцијата не даде ниту Роберт Николов. Тој истакна дека Бошкоски бил под пим мерки, ама за тоа биле надлежени обвинителот и УБК.
Наредното рочиште продолжува на 20 јуни.
В.В.