Сведоштво на патник во тешката сообраќајка на автобус во Турција: Син ми беше облеан со крв од стаклото, а сопругата ја најдов заглавена меѓу седиштата, мислев дека е мртва

by Fokus

Речиси, една година по тешката сообраќајна несреќа што се случи на 6 септември, лани само половина час по полноќ во која македонски туристички автобус со 39 патници се судри со камион што превезувал јаглен во близина на турскиот град Едрене, дел од патниците одлучија со „Фокус“да го споделат, како што велат хоророт што го преживеале во тие неколку минути додека траел ударот, во кој животот го загуби 45-годишниот струмичанец Николче Михов, а на 53-годишната Снежана Караџовска од Скопје и се ампутирани двете нозе.

Четириесет и четиригодишниот Фидо Атанасовски од Виница е еден од патниците што тој ден патувал за Истанбул. Исто така, тој е еден по поретките што не спиел таа вечер, кога се случила трагичната сообраќајна несреќа, па со „Фокус“ ги сподели сите случувања што му претстоеле на кобниот удар, кој беше фатален за еден од патниците.

– Шоферот на автобусот за време на целиот пат беше нервозен, бидејќи уште на одење натаму зема повеќе шишиња виски и ни ги подели на нас патниците, за да не го царинат на грчко-турската граница. Но, цариникот примети и го натера сите шишиња да се вратат и претпоставувам дека го казни. Продолжи да вози, стигнавме во Истанбул и секој отиде да си ја врши работата за која е дојден. Јас бев со со сопругата и со син ми – раскажува Атанасовски.

 

Тој објасува дека автобусот во 20 часот по македонско време тргнал назад, но дека шоферот цело време возел 130 километри на час.

– При првото тргнување, за малку ќе удреше во автомобил. На враќање назад направивме пауза кај еден хотел, на што јас му нагласив дека брзо вози, а тој ми одговори „Овој автобус го знае патот напамет, може и сам да вози“. Се качивме пак во автобусот и жената што и ги ампутираа нозете Снежана се префрли напред на седиштата, за да си го наполни телефонот и да ја слушне ќерка и за да ја извести во колку ќе се врати дома. Таа и правеше некое време муабет со шоферот – ја продолжува својата приказна еден од патниците во автобусот.

Според него, во периодот половина час по 12 часот, Атанасовски се свртел на левата страна, кога наеднаш почувствувал силен удар и видел дека се забиле во камион.

– Тоа беше страшен и силен удар. Автобусот се заби во камион со јаглен и го влечеше  дури 256 метри. Морам да нагласам дека чиста среќа беше што камионот беше товарен со јаглен кој тежеше 30 тони, па не можеше да го избутка, инаку сите ќе завршевме во провалија. Наеднаш, на сите страни имаше викотници, скршени стакла, заглавени седишта, а меѓу нив патници. Тоа беше ужас, страшно и морничаво. Јас не можев да си ги најдам сопругата и синот. Кога си го видов детето, тоа беше целото облеано со крв, а за жена ми мислев дека е мртва. Буквално, настана стампедо, се создаде паника, не знаевме кој од каде излегува, кој вика. Крв на сите страни. Кога успеавме да излеземе од автобусот, јас почувствував силни болки, искрварив и се онесвестив. Од тој момент не се сеќавам – додава 44-годишниот виничанец.

„Фокус“ досега објави приказна за трагичната судбина на Караџовска, која во оваа собраќајна несреќа остана без двете нозе. Таа со нас ги сподели и полициските записници направени во Турција во кои се наведува дека главен виновник за несреќата е Зоран Момироски, возачот на автобусот, кој е управител на компанијата „Бога транспорт“.

Зоран Момироски управувал со автобус со скопска регистрација и се движел по патот Д110-03 на релација Малкара – Кешан 03-50 метри и пред него возел Мехмет Догукан Јилмаз, кој управувал со камион што превезувал јаглен. Сообраќајната незгода настанала при што автобусот со својот преден десен дел удрил во левиот заден дел на приколката. Незгодата е со загинати, повредени и со материјална штета. За настанувањето на оваа незгода виновен е Зоран Момироски, кој согласно законот 2918 за друмски сообраќај член 56/1Ц не држел доволно растојание од возилото пред него. Другиот возач во оваа незгода нема никаква вина – се наведува во записникот од турскиот полициски службеник Салих Качар.

Досега во Турција се одржале неколку судски рочишта, но досега не е донесена официјална пресуда. Тоа што ги мачи повеќето од патниците, е зошто кога возачот кога излегол од притвор не се заинтересирал како се тие луѓе, како е семејството на починатиот патник или пак жената со ампутираните нозе.

„Фокус“ пред две недели го контактираше Момироски, но тој не сакаше да ни каже колку судски рочишта имало досега и колку вкупно време бил во притвор.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости