Сведоштва од млади пациенти тргнати од респиратор (срар)

by Fokus

Повеќе од 150 пациенти заразени со Ковид 19, кои биле со екстремно тешка клиничка слика со сатурација под 60 отсто кислород во крвта се тргнати од респиратор во Градската болница „8 Септември“, потврдија од болницата за „Фокус“.

Додека на почеток на корона кризата, скопската Инфективна клиника беше главно упориште на заболените од овој опасен вирус, наеднаш Градската болница се претвори во главен ковид центар.  Според статистиките со кои располага „Фокус“ за целиот овој период се хоспитализирани повеќе од 4.000 пациенти од опасниот корона вирус.

Во болницата има огромен наплив на пациенти, а меѓу нив се најдоа и доста млади од 20 до 45 години кои едвај се спасија од страшниот вирус.

Дел од нив во изјава за „Фокус“ објаснуваат како поминале цела голгота и борба со вирусот и како целиот лекарски тим се борел да им го спаси животот.

„Сакам да го споделам моето искуство со Ковид 19 поминато во “8 ми Септември ” и тоа 27 пеколни дена на Интензивна нега. Зошто и како стигнав до таму не е ни важно, но онаа што сакам да го знаете дека со оваа болест нема ни најмалку шала. А, кој има стигнато до болница најдобро знае и зошто.

 

Тогаш не е важно кој каков е и какви предрасуди има кон болеста и вакцините, туку е важно дали верува во себе, во Бога и во лекарите. Тие се патот и надежта да се избавите од оваа чума“, вели 45-годишниот Роберт М. од Кратово.

ИЗЛЕГОВ ОД БОЛНИЦА СО СОЛЗИ РАДОСНИЦИ

Според него, голем удел во целата приказна има стручноста, деноноќната посветеност и саможртвуваност на целиот медицински персонал.

„Тука сакам на сите да кажам едно големо БЛАГОДАРАМ, почнувајки од докторите, медицинските сестри и браќа, како и болничарите. Имајќи во предвид дека самите услови во кои работат се многу тешки и дека се борат со една болест, која светот го остави без здив веќе 2 години. Апелирам сите да се вразумиме и да не упатуваме секакви недолични и критички коментари кон нив, бидејќи верувајте дека сакале или не, тие се последната станица и за „светлината“, но за жал и за „темнината”.

 

Верувајте во нив и во самите себе. Молете се на Бога и само така ќе може да продолжите да се радувате на животот кој веќе е еден вид подарок за тие што ќе излезат од таму. Јас сум еден од тие што водев голема борба и на крај излегов со солзи радосници. Плачев јас, но плачеа и сите тие кои ја водеа борбата со мене и на крај ме испратија дома. Но, за жал многу луѓе ја  губат оваа битка и останува голема болка за многу семејства“ додава кратовчанецот.

„Фокус“ поразговара со уште неколку пациенти, кои откако стигнале во болница првите три недели не се сеќаваат на ништо што се случувало и како преживеале.

„Не знам ни како стигнав до болницата, само знам дека имав многу ниска сатурација. Свесна сум дека едвај останав жива и сега живеам втор живот. И после толку време се уште закрепнувам“, објаснува 33-годишна пациентка, која сакаше да остане анонимна.

НАПЛИВ НА ПАЦИЕНТИ ВО КОВИД ЦЕНТРИТЕ

Во ковид центрите во моментот повторно има наплив на пациенти, од кои некои се носители на делта вирусот, некои на омикрон, но голем дел се заболени и од грипот инфлуенца А.

Тоа не го кријат ни дел од лекарите кои раководат со ковид центрите и кои со „Фокус“ ја споделија моменталната алармантна состојба.

Точно е дека омикрон варијантата има полесна клиничка слика, но кај нас се многу пациенти и со делта сој и со грип. Ние не правиме типизација, па не знаеме кој на кој сој е носител. Ситуацијата во болницата е хаос. Само во еден ден до 13 часот имаше 140 лаборатории и преку 100 прегледи, а каде е цел ден.

 

На Одделот за интензивна нега има куп хоспитализирани тешки пациенти, како и на инфективното одделение. Најмногу во овие денови доаѓаат од Гевгелија, Прилеп, Крива Паланка“, објаснува во изјава за „Фокус“, доктор Даниела Буклиоска, интернист во ковид центарот на Градската болница „8 Септември“.

Досега во земјата се направени вкупно 1.679.890 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 238.061, бројот на оздравени пациенти е 216.521, на починати е 8.062, а бројот на активни случаи изнесува 13.478.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости