Сведоштва од автобуската несреќа: Луѓе излегуваа крвави од автобусот, страшно беше…

by fokus

Оние кои се најдоа на местото на вчерашната автобуска несреќа на патарината во Велес сведочат за хоророт што го виделе. Дел од нив преку социјалните мрежи ги споделуваат своите сведоштва. Пред себе, велат, виделе крв, расфрлани предмети, искршено стакло и луѓе со повреди.

„Млади девочиња крвави седеа покрај автопат и сите им помагаа, луѓе излегуваа крвави од автобус, страшно беше“, вели еден сведок.

Според коментарите на социјалните мрежи, дел доброволци се организирале за да им помогнат на повредените.

„Спонтано организирани, затечени на местото на несреќата бевме 10-тина учесници кои заеднички го организиравме сместувањето на патниците во доброволните возила, регулиравме проток на возилата за пристап на брза помош. До моето заминување, дојдоа две возила на брза помош, две полициски и едно пожарникарно кои помогнаа да се извлече последниот заробен патник на автобусот (жена). Сите полесно повредени беа згрижени и префрлени на скопските клиники од затекнати доброволци кои имаа слободни места да го направат тоа. Автобусот беше полн со македонски патници“, вели во коментар на групата „Ѕид на сообраќајниот срам“, Никола Попевски.

Во несреќата синоќа беа повредени сите 27 патници кои се превезувале во автобусот. На повредите им подлегна 68-годишна жена од Скопје, која беше хоспитализирана на Карил и која почина во вечерните часови. Патниците се враќале од одмор во Грција.

Поврзани новости