Специјалното јавно обвинителство денеска го повлече обвинението против обвинетите во Сопот, бидејќи нема докази дека тие го сториле делото за кое беа осудени на затворски казни. По ова, судот донесе решение дека обвинението е повлечено, со што постапката во овој случај е завршена.
Обвинителката Катица Јанева во говорот пред Судот рече дека нема докази дека тие го сториле делото, а исказот на кој се темелела пресудата бил изнуден од сведокот.
-Во периодот од 23.05 2003 до 29.05.2003 година, кога сведокот бил задржан во
објектот на МВР, тој бил изложен на физичка и психичка тортура од страна на
припадниците на УБК. Ова несомнено произлезе од изведените докази на главниот
претрес, и тоа: од службената белешка од Народен правобранител за извршен
разговор со притворено лице во предметот од 25.07.2003 година, од исказот на
сведокот Сузана Салиу – заменик Народен правобранител и од исказот на сведокот
Виктор Алексов, државен советник на Народниот правобранител, кои наведоа дека по
извршена посета кај притвореното лице Рамадан Бајрами, констатирале изгореница
на неговото чело, за која повреда тој им кажал дека ја добил од малтретирањето во
објект на МВР. А од здравствениот картон од КПУ Затвор Скопје на име Рамадан
Бајрами за лекување од 30.05.2003 година од 04.09.2003 година се утврдува дека во
пределот на задникот се регистрирани хематоми – крвни подливи, како и дека
сведокот примал терапија против силните болки во мускулите и против несоница.
Додека пак, вештите лица, психијатрите Д-р Ставре Грамов и Д-р Александар
Марцикиќ, во вештачењето констатирале дека од 23.05.2003 година до 29.05.2003
година, времето кога сведокот Рамадан бил незаконски лишен од слобода и задржан,
тој преживувал психичко страдање од силен интензитет предизвикано од наведениот
стресен настан.
Констатираните повреди во целост одговараат на исказот на сведокот Рамадан
Бајрами, во делот каде тој го опишува начинот на постапување на припадниците на
УБК. Конкретно, сведокот наведува дека во периодот додека бил држен во објект на
МВР, бил физички малтретиран од нивните припадници, односно дека целиот период
бил со едната рака заврзан за радијатор, постојано бил малтретиран, удиран со клоци
и со летва по целото тело, еден од нив му држел запалена цигара до челото, не му
давале доволно вода и храна, а истиот добивал и закани дека ќе го лишат од живот
доколку не постапи како што тие му кажуваат.
При анализа на изведените докази произлегува дека целта на горенаведената тортура
била од сведокот Рамадан Бајрами да се издејствува определена изјава. Поради тоа,
на 25.05.2003 година од страна на припадниците на УБК тој бил присилен под нивни
диктат да напише своерачна изјава за кривично – правниот настан, како и за
поединечните задолженија и преземени дејствија на секој од обвинетите, а која изјава
требало да ја каже следниот ден пред истражен судија, рече Јанева.