Пред да излета од патот автобусот нагло заврте кон лево и мислев дека сака да претекнува, но од прозорецот видов дека нема автомобил на десна страна, изјави сведок што бил патник во автобусот на „Дурмо турс“ на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци.
Сведокот Бејтула Нухиу, кој седел во трет ред од страната на совозачот до прозорецот, рече дека по наплатната рампа кај Глумово се било најнормално.
– Кога се случи нагло движење на лево мислев дека сака да преткнува автобусот. Тогаш погледнав од прозорецот дека од моја десна страна нема кола. Тогаш станав и го видов возачот како го држи воланот, изјави сведокот.
Кажа дека тогаш целиот автобус како да се тресел, но дека тој не почувствувал намалување на брзината.
– Јас од 2011 година се возам со Дурмо турс и спремен бев ако треба да се доближам до возачот да реагирам. Мислев ако му се слошило барем да го држам воланот. Но, немаше време, изјави сведокот.
По несреќата, сведокот кажа дека го видел возачот како седи надвор, но дека ништо не зборувал и не одговарал.
Прашан дали дал изјава за медиуми по несреќата, сведокот кажа дека дал изјава на албански јазик само за една телевизија.
– Таа изјава за ТВ Клан е за да ме видат сите дека сум добро. Знам дека изразив сочувство за загинатите и кажав дека автобусот сврте нагло на лево и излета од патот. Апсолутно не сум кажал дека сум станал и сум се борел со воланот. Тоа не сум го кажал, јас кажав дека психички бев спремен да одам и да помогнам. Тоа е чиста шпекулација, изјави сведокот.
Сведокот кажа дека имал апликација за гпс регистрирање на движењето, што ја дал со телефонот на форензика по несреќата.
Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.