Сведок во “Титаник”: Не сум донирала 1.000 евра за ВМРО-ДПМНЕ, а се најдов на листата на донатори во 2011 година

by fokus

Даниела Груевска, една од фиктивните донатори на ВМРО-ДПМНЕ, денеска сведочи на рочиштето за случајот “Титаник”.

Таа во 2011 година се нашла на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа дека уплатила 60.000 денари, или 1.000 евра. Сведокот појасни дека тогаш била невработена и дека никогаш не донирала пари за партија.

Обвинителката Лиле Стефанова ја праша дали во 2011 година имало уплатено 60.000 денари како донација на некоја политичка партија?

-Немам уплатено, рече сведокот, која дополни дека ниту на друго лице не му дала пари за да уплати во нејзино име донација за партија.

Таа појасни дека дознала дека е на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ кога добила покана од СЈО да сведочи.

Сведокот првото вработување го добила во 2015 година, и работи во основно училиште.

Адвокатката Сања Алексиќ ја праша Груевска дали била политички активна и дали извршувала некаква партиска функција?

-Бев партиски активна и бев секретар на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, ама не можам да се сетам дали во 2011 година, одговори сведокот.

Во 2016 година, пак, кога давала исказ во СЈО рече дека не била политички активна.

Адвокатката ја праша и дали пред да биде вработена работела на некои проекти, на што сведокот одговори потврдно.

Судењето е во тек.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

В.В.

Поврзани новости