Сведок во “Насилството во Центар”: Рангелова не даваше насоки, туку зборуваше со членови на семејството

by fokus

Поранешната советничка на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, не пренесувала насоки од раководството на партијата, кога се случуваше насилството во Општина Центар на 10 јуни 2013 година, ниту пак им давала насоки на насобраните протестанти.

Ова е дел од сведочењето на сведокот Томислав Лазаров, исто така поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ, кој кон крајот на 2017 година призна вина за случајот “Насилството во Центар”, и беше осуден на условна казна од шест месеци затвор.

Тој рече дека само тој добивал насоки од Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

-Рангелова реагираше на сите мои укажување дадени во насока за да седницата трае подолго, односно на насоките да одложуваме за да не се усвои дневниот ред. Веќе еднаш кажав и пак ќе повторам, насоки за дејствување  добивав само јас од Божиновски и Јанакиески, рече сведокот, додавајќи дека обвинетата Рангелова не присуствувала на партиските координации околу протестот.

Тој истакна дека ова го знаел бидејќи бил во близина на колешката Рангелова, а кога зборувала на телефон комуницирала со членови на нејзиното потесно семејство.

Лазаров истакна дека Рангелова не давала насоки ниту на насобраните протестанти.

Според едно од претходните сведочења на советничката на СДСМ, Билјана Чурилова, пак, таа ја посочуваше Рангрлова како еден од организаторите на протестите.

-Советниците од ВМРО-ДПМНЕ постојано комуницираа со луѓето надвор. Толпата прво дојде од страната каде седеа овие советници, но по упатство на Саше Трпевски, Томислав Лазаров и Даниела Рангелова завртеа околу бараката и продолжија да дивеат од нашата страна – сведочеше Чурилова.

Таа додаде дека овие советници постојано биле во дослух со демонстрантите. Во вкрстено испрашување на прашање од адвокатот Боро Тасевски дека не може со сигурност да тврди како советниците и давале упатства на толпата таа рече:

-Можам со сигурност да ви кажам дека Даниела Рангелова го наведуваше градоначалникот цело време да излезе надвор и да се соочи со толпата. Цело време му дофрлуваше да излезе да види зошто го бараат. На такво инсистирање, јас да бев немаше да излезам, имавме чувство дека нешто ќе се случи – одговори таа.

Сведокот, иако го посочи Кирил Божиновски, тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, како еден од оние кои давале насоки, сепак тој не е дел од обвинетите.

Обвинети во овој случај се експремиерот и бегалец, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште осум лица.

В.В.

 

Поврзани новости