Судскиот процес за петкраното убиство кај Смиљковско Езеро, продолжува на 3 септември. На дневен ред на ова рочиште е предвидено да сведочи полициски службеник кој учествувал во истражната постапка против обвинетите. Освен ова рочиште за месец септември за предметот „Монструм” се закажени уште три други рочишта.
На последните две рочишта, вклучувајќи го и денешното, сведочеа поранешни и актуелни полициски службеници по однос на увидот на местото Враживир, каде во 13 април 2012 беше пронајдено возилото „Опел Омега”, кое според обвинението е користено од страна на извршителите на убиството кај Смилковско Езеро, еден ден претходно, односно на 12 април. Според сведокот возилото внатре било исчистено.
„Возилото го фотографирав внатре и надвор. Потоа и го обезбедив до МВР, кое беше пренесено со влечна служба на МВР. Таму отидовме по најава на СВР-Скопје. Техничка обработка на возилото не сум извршил јас. При мојата задача се грижев да не се губат трагите. Не знаев со кој случај е поврзано возилото“, изјави сведокот, кој додаде дека работел на многу кривични настани па затоа може да каже дека во овој случај возилото било исчистено и средено.
Според обвинението, во возилото биле пронајдени неколку ДНК профили, од кои еден одговарал на обвинетиот Алил Демири. Односно, по извршената анализа со дата базата дојдено е до заклучок дека ДНК профилот на Алил Демири е идентичен со ДНК профилот најден на задното десно седиште од возилото.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинените го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.