Сведок од 27 април: Насилници го газеа Села врз глава

by Fokus

По сведочењето на пратеникот Мухамед Зеќири и собранискиот обезбедувач Абдулфетах Аљими, во моментот на судењето за обидот за убиство на Зијадин Села сведоци Игор Јанакиев, вработен во МВР во Одделот за обезбедување на личности.

Тој критичната вечер на 27 април бил работно ангажиран.

-Бев пред вратата во прес центарот пред да влезат. Се обидувавме да ја спречиме толпата да влезе, со уште седум -осум колеги, но по 15 минути веќе не можевме да ги запреме бидејќи беа голем број, рече сведокот.

Тој истакна дека забележал напади кон сите пратеници во прес центарот.

-Во еден момент излегов надвор да се напијам вода. Кога се вратив забележав неколку лица кои го влечеа Села. Тој се уште беше на нозе, но бидејќи го влечеа се тетеравеше, по што падна, не можеше веќе да издржи. Кога падна имаше околу петнаесетина луѓе кои почнаа да го маваат. Успеав да стигнам до него, а тој лежеше со стомакот кон подот, а рацете му беа на глава, рече сведокот.

Сведокот додаде дека кога се доближил до Села, застанал кај неговата глава за да го заштити со нозете.

-Во тие моменти Села беше свесен зошто се обидуваше со рацете да си ја заштити главата. Се обидував да го заштитам и со рацете и да не дозволам да дојдат до него, бидејќи се зборуваше дека Села е паднат. Но луѓе константно доаѓаа од надвор. Едни ќе удреа па се повлекуваа, а по нив доаѓаше нова група, рече сведокот.

Тој појасни дека најголемиот дел од ударите биле со нога по глава и по телото на Села.

– По 30-40 секунди, Села како да не даваше знаци на живот. Престана да се заштитува, односно не ги мрдаше со рацете. Бев уверен дека не е жив или дека е многу тешко повреден – појасни сведокот.

Ударите кои ги примил Села биле со шутирање и директно газење врз глава.

Сведокот појасни дека не може да ги препознае насилниците, бидејќи бил сконцентриран да го одбрани.

-Не знам ниту кои беа лицата кои го изнесоа Села надвор од салата, истакна сведокот.

В.В.

 

Поврзани новости