Сведок не се појави на судењето за „Триста“, судијката нареди стражарно да биде приведен

by fokus

На 28 март, на следното судско рочиште за случајот на СЈО „Триста“, еден од сведоците, предложен од обвинителството, ќе биде спроведен стражарно, односно со полиција од својот дом ќе биде донесен во суд, бидејќи денес не се појави на рочиште, иако уредно примил покана.

Овој сведок е вработен во една од кампаниите која учествувала на тендерот што го распиша Министерството за внатрешни работи за набавка на 300 возила, а за која СЈО поднесе обвинение против помошник министерот во 2008 година Ѓоко Поповски, поради сомнеж дека набавката била незаконски спроведена.

Судијката Добрила Кацарска потенцираше дека сведоците кои уредно се поканети мора да присуствуваат на рочиштата, појаснувајќи дека немодамна и сведок во случајот „Тенк“, за набавката на мерцедесот од 580.00 евра, а кој бил вработен во МВР, бил стражарно приведен.

Денеска на рочиштето за „Триста“, сведочеа четворица вработени во МВР кои биле дел од Комисијата за јавни набавки, која ја спровела набавката на возилата. Според нивните сведочења тендерот бил спроведен законски. Тезата на СЈО е пак дека на тендерите наместо само победниците, кои имале најповолни понуди, дел од возилата набавиле и уште пет компании кои учествувале на тендерот, иако немале најповолни понуди, со што била направена штета на буџетот од 27,8 милиони денари.

В.В.

Поврзани новости