Двајца сведоци на Специјалното обвинителство денеска фрлиле ново светло на предметот „Тортура“, излегувајќи на судското рочиште со спротивни изјави во однос на исказите дадени во претходната постапка, дознава Плусинфо.
Првиот, вработен во МВР, кој од страна на СЈО бил повикан како сведок во предметот „Тортура“, со исказот даден пред судот практично го срушил целиот предмет за наводна тортура при приведувањето на поранешниот министер, а сега владин советник Љубе Бошковски, тврди изворот на Плусинфо.
Полицискиот службеник, под заклетва, на денешното рочиште изјавил дека на радио-врска слушнал повик од колегите дека тогаш осомничениот Бошкоски се оглушил на полициските наредби „стој полиција“ и се обидел да избега. Сведокот во сведочењето посочил дека во моментот кога дошол на местото на настанот, не видел ништо од тоа што им се става на товар на обвинетите.
Обвинителот Љубомир Лапе, лут поради спротивниот исказ на сведокот на СЈО, го запрашал дали ја говори вистината сега пред судот, или тогаш кога бил повикан во просториите на СЈО, по што уследил уште еден „студен туш“ за СЈО. Сведокот под заклетва потврдил дека денешниот исказ е вистинит во целост, а дека изјавата дадена во предистражната постапка била изнудена под голем притисок од многу лица. Како што посочил сведокот, до денес истиот е под константен притисок да даде исказ кој би одел во прилог на обвинението и бил преместуван на три различни работни места. Сведокот на денешното рочиште не сакал да каже кој сѐ му вршел притисок за да даде неточен исказ пред СЈО.