Од Специјалното јавно обвинителство велат дека прислушуваните разговори и сведочењето на Илија Бреслиски, кој бил генерален директор на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, ќе докаже дека бил наместен тендерот за дополнителни работи за Музејот на ВМРО. Од СЈО го објавија воведниот говор што специјалниот јавен обвинител го даде на денешното рочиште во Кривичниот суд.
Во предметот се обвинети екс министерката, Елизабета Канческа-Милевска, и две службенички од Министерството за култура.
Воведниот говор го пренесуваме во целост:
„Јавен интерес е граѓаните да знаат како се користат парите од буџетот на Републикa Македонија и, токму поради тоа, постапката за јавни набавки е предвидено да има транспарентност и да нема незаконски повластувања на економските оператори.
Извршната власт треба да ги извршува, односно спроведува законите во вистинската смисла на зборот. Но, дел од вработените во Министерството за култура, кое е дел од извршната власт, не работеле во согласност со законите.
Така, овде присутните обвинети, во временскиот период од јуни 2011 до 5 август 2011 година во Скопје, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители за економскиот оператор ГТД „Бетон Штип“ АД Штип прибавиле корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно – занаетчиски работи на објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност – “Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим” во Скопје.
Во доказната постапка ќе докажеме дека уште пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на принципите и одредбите што обезбедуваат законитост за јавни набавки и пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка обвинетата Елизабета Канческа Милевска, која била министер за култура, му кажала на сведокот Илија Бреслиски, кој бил генерален директор на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои што не биле опфатени во договорот за јавна набавка и анексите на истиот и да не се чека дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка, како и дека таа преку обвинетата Лидија Лазарова – Цветковска веќе договорила Комисијата за јавни набавки, откако ќе се објави огласот, договорот да биде доделен на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип. Ова ќе го докажеме од аудио снимките и од изјавата на сведокот Илија Бреслиски.
Од градежното и економско-финансиско вештачење произлегува дека градежната фирма ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, уште пред да се склучи договорот за јавна набавка и пред да бидат службено воведени во работа, во меѓувреме ги изведувала завршните градежни и градежно-занаетчиски работи на објектот, како што побарала обвинетата Елизабета Канческа Милевска.
Од писмените докази, кои што се навистина во голем обем во овој предмет, ќе се докаже дека, поради условите што биле дадени во огласот и тендерската документација, само економскиот оператор ГТД „Бетон Штип“ АД Штип учествувал во постапката како единствен понудувач.
Ќе докажеме дека обвинетите знаеле дека ГТД „Бетон Штип“ АД Штип веќе ги изведува работите на објектот што се наведени во огласот за доделување на јавна набавка бр.10/2011, но тие се однесувале како тоа да не е така и формално ја спровеле постапката, односно од писмените докази произлегува дека обвинетите Лидија Лазарова – Цветковска и Јулијана Угриноска, како членови на Комисијата за јавни набавки, составиле и потпишале извештај од спроведената постапка од 19.07.2011 година дека најповолен понудувач е ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, па на 26.07.2011 година од обвинетата Елизабета Канческа Милевска е донесено решение за избор на најповолна понуда, и на 05.08.2011 година е склучен договорот за јавна набавка со вредност на договорот од 62.480.543 денари, каде потписник за Министерството за култура е обвинетата Елизабета Канческа Милевска, а потписник за ГТД „Бетон Штип“ АД Штип е сведокот Илија Бреслиски.
На главната расправа во доказната постапка ќе докажеме дека обвинетите како соизвршители сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 од КЗ“.