Сведочење во „Титаник“: Не сум уплатил 60.000 денари на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, во 2011 година бев невработен!

by fokus

На денешното рочиште за случајот „Титаник“ сведочеа сведоци предложени од обвинителството.

Првиот сведок, кажа дека лично донирала 500 денари во УМС на ВМРО-ДПМНЕ, но не и 60.000 денари, како што стоело во уплатницата.

– Заедно со другари и другарки собравме кој колку што има и се собра околу 50.000 денари. Лично не сум донирала износ од 60.000 денари, изјави сведокот, која појасни дека парите ги предала во партискиот штаб во Петровец.

Вториот сведок, изјави дека во 2011 година бил невработен и не донирал за партијата, иако имало уплата од негово име, а на сума од 60.000 денари.

– Ракописот на уплатници во износ на 60.000 не е мој. Првпат за случајот јас бев запознаен од СЈО, рече сведокот.

Денешното рочиште, почна со мало задоцнување, заради увид во списите на предметот од страна на обвинетите.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Следното рочиште е закажано за 11 септември.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Поврзани новости