Во Вишиот суд во Белград денеска со сведочење на таткото на убиено девојче продолжи граѓанската постапка по втората тужба против таткото, мајката и момчето кои на 3 мај уби девет ученици и чуварот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград.
Бане Дукиќ денеска пред судот изјави дека тој и неговото семејство се преселиле од Франција во Србија во 2020 година бидејќи сакале да посветат повеќе време на своите деца.
Дукиќ детално ја објасни нивната семејна ситуација, како и дека освен убиеното девојче, имаат и две помали деца.
На 3 мај, како што објасни Дукиќ, светот застанал за нив, нивната ќерка била убиена, а до неа имало мобилен телефон низ кој поминал куршум, поради што мисли дека таа се обидела да му се јави.
– Секој ден одиме на гробишта да ја бакнеме и да и се извиниме – рекол Дукиќ и додал дека се чувствува виновен што се преселиле во Србија.
На прашањето како неговите помали деца реагирале и се справиле со смртта на нивната сестра, тој рекол дека им било тешко и дека морале да носат таков товар што нивната сестра ја убиле на училиште.
Дукиќ смета дека за овој масакр биле виновни родителите, а не му е јасно како е можно ова дете да одлучило да одземе толку животи за само две минути.
Во судот присутни се членовите на семејството Аќимовиќ, Мартиновиќ, Анѓелковиќ, Влаховиќ, Кобиљски и Дукиќ кои ја поднесоа оваа тужба.
Судот ќе одлучи по тужбеното барање и дури по завршувањето на граѓанската постапка ќе донесе одлука дали целосно или делумно ќе го прифати барањето на семејството, или евентуално ќе го одбие.
Тужбата е поднесена во граѓанска постапка за надомест на нематеријална штета за претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице, како и за претрпениот страв.
Со оваа тужба се бараше и паричен ануитет, односно идна исплата на одредена сума пари од денот на пресудата и додека траат условите за тоа – на име идна нематеријална штета за претрпена душевна болка поради смрт на блиско лице.
Судот претходно во однос на таткото на момчето определи привремени мерки за забрана на располагање и отуѓување имот во кривичната постапка против него, а против мајката во граѓанската постапка.
Во граѓанската постапка против мајката на момчето, Вишиот суд во Белград донесе одлука за привремена мерка во однос на имотот што е во нејзина сопственост, односно е блокиран за продажба и издавање.
Пред Вишиот суд во Белград деновиве започна кривичната постапка против таткото и мајката на момчето, како и инструкторот и сопственикот на стрелачкиот клуб во кој, како што се сомнева, момчето-убиецот научило да пука, додека малолетникот не е кривично одговара затоа што во времето на масакрот бил помлад од 14 години.
Покрај оваа парница, уште една тужба покренуваат 27 членови на семејството на убиените, а неодамна наставничката која беше тешко ранета во престрелката поднесе тужба против родителите на момчето.