Сведочење: Палчо и Велибор носеле ракавици, лопати и копач, а комуницирале преку радио врска

by fokus

Началник од МВР, на денешното судење за убиството на Вања и Панче, во детали објасни како обвинетиот Влатко Кешишов го однел до местото каде што е закопано телото на малата Вања.
Тој на началникот му посочил и дека Љупчо Палевски и Велибор Манев биле со него, ја фрлиле Вања, а тој стоел подалеку.

-Кажа дека Палчо и Велибор носеле ракавици, две-три лопати и копач. На местото на убиството пак рече дека комуницирале преку „мотороли“, односно радио врски, рече сведокот.

На местото на настанот, односно каде што беше пронајдено телото на Вања, била пронајдена и една лопата.

Како што веќе објавивме, сведокот претходно појасни како Кешишов го однел до телото на Вања.

-Влатко Кешишов, кажа ќе ме однесе некаде за да ми покаже нешто. Бараше да одиме сами, се плашеше од останатите. Велеше, ако дознае Палчо ќе ме убие. По кратко убедување, се согласи и рече одиме. Не однесе до запаленото возило, до цитроенот. Ние веќе знаевме за возилото. Таму разговаравме. Сакаше да каже нешто, па не сакаше, се премислуваше. Па рече, ајде ќе ве однесам. Возевме по негови насоки и рече излезете. Широк огромен простор, кој служи како депонија. Пак сакаше да каже нешто, па велеше не можам, не можам. Тргна кон возилото, па се врати и рече ајде. Каде одиме, го прашав. Ми посочи со главата, имаше перници, душеци. Не покажуваше со рака, со глава. Рече: „Таму, кај перниците“. Потоа продолжи: ,,Ама јас стоев 20-30 метра од нив”.
Почнавме да копаме. Го замоливме да посочи каде точно. Посочи едно место. Рече: „Тука ја фрлија“.
Тогаш ме фати за рака и рече: „Мислам тука е маленкото”.

Кога прашав кое, рече тоа што го барате девојчето. Копавме се додека не го видовме носот и едната нога и запревме, рече Музафер Каришиќ, кој во времето на убиството бил помошник началник на СВР Скопје за криминалистички работи.

Кога прашал кој ја фрлил тука, Кешишов рекол:
,,Велимир и Палчо, ја земаа и тука ја фрлија. Јас бев далеку, далеку…, велел обвинетиот Кешишов.

Валентина Вурмо

Поврзани новости