Сведочење на “Плацевите на Водно”: Како се основала фирмата “Сирах инженеринг” со капитал од Белизе

by fokus

На денешното судење за случајот “Плацевите на Водно” сведочеше Менка Макаровска, вработена во адвокатското друштво Чукиќ и Марков.

Обвинителката Лиле Стефанова ја праша адвокатката дали и е познато правното лице “Сирах инженеринг”? Тогаш Марковска во детали појасни како таа ја регистрирала компанијата, која подоцна станува сопственик на плацевите на Водно, кои пак според обвинението, биле во скриена соспственост на Никола Груевски.

-Оваа фирма е основана во 2012 година. Се сеќавам дека бев повикана од колегата Серожја Марков, а на состанокот беше присутен Алек Ивановски. Бев известена дека ќе треба да се основа фирма со странски капитал, и дека Алек е ополномоштено лице од странската фирма дека ќе ја застапува во Македонија. Бев известена дека има комуникација со странското правно лице и ќе ми ја обезбеди потребната документација, потребна за упис на фирмата во Македонија, истакна сведокот.

Таа појасни дека тогаш не знаела за која фирма станува збор.

-Тогаш не бев информирана за кое правно лице станува збор, ниту ми беа дадени документи. Од Адвокатот Марков ми беше напомената целокупната регистрација да ја водам исклучиво со Алек и да го известувам за сите дејствија. Воедно, од адвокатот бев известена дека за управител на фирмата ќе се именува Ристо Новачевски, кум на тогашниот премиер Никола Груевски. И добро се сеќавам дека Серјожа ми напомена да бидам повнимателна во комуникацијата и работењето, истакна адвокатката.

Таа додаде дека по тој состанок и се јавил Алек и се повикал на средбата.

-Ме извести дека ќе ми ја достави документацијата. Поразговаравме и за други детали, меѓу другото ме извести дека фирмата ќе се занимава со градежништво. По мое сеќавање документацијата од странското правно лице ми беше доставена од негова страна. Помнам и дека се работеше за папка која содржеше повеќе документи, извод на трговскиот регистер на Белизе за основање на “Сирах Лимитед”, изводи од банкарски сметки, овластување за основање на Алек Ивановски…

Документацијата ја помнам бидејќи беше поспецифична од претходно, беше со нотарски заверки, се присети адвокатката.

Таа имала средба и со Новачевски, на која разговарале за адресата на седиштето на новата фирма.

-Се сеќавам дека на тој состанок ми напомена да ги ставам податоците од неговата лична карта, како седиште на новата фирма. За оваа средба го известив Алек, рече сведокот.

Но набргу се појавила првата пречка.

-По поднесување на пријавата во Централен регистер бев известена дека постои законска пречка Новачевски да се јави како управител, бидејќи бил во одбор на директори на акционерско друштво со блокирани сметки. Се обидов да го известам Алек, за да добијам инструкции за понатамошно постапување. Тој ми рече дрка е на одмор и да разговарам со Новачевски. Стапив во контакт, го известив, а тој ми рече дека ќе оди на одмор, па рече да потпише замолница за продолжување на рокот. Подоцна Алек ме извести дека пречката е надминета и од Централен регистер добив известување дека пријавата е одобрена, сведочеше адвокатката.

Таа додаде и дека пристигнал поголем приход од мајката фирма од Белизе.

-Пристигнатиот прилив од Сирах Лимитед за основачки влог беше во поголем износ од предјавениот, односно фирмата беше основана со 5.000 евра. За пристигнатите приливи од странство веднаш го известив Алек и побарав од него одобрение за да пристапам кон подготовка на документацијата за промената во Централен регистар.

По завршување на процедурата, решението и извештаите за наплата од странство ги предадов на Ристо Новачевски, рече адвокатката во своето детално сведочење.

На прашање на обвинителката Лиле Стефанова дали адвокатскат канцеларија ги наплатило услугите, таа рече дека се сеќава дека од Серјожа Марков и рекол да не се наплаќа за услугите.

Судењето е во тек.

В.В.

Поврзани новости