На денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеа дедото и бабата на убиеното девојче, Зоран Ѓорчевски и Иванка Ѓорчевска, татко и мајка на Александар Ѓорчевски, кој е еден од обвинетите.
-Се јавив да прашам што прават, и мајка му на Александар, мојата поранешна сопруга, плачеше и ми кажа дека ја нема Вања. Потоа се слушнав и со син ми и тој ми кажа дека ја нема Вања. Му реков да каже што можам да помогнам. Александар ми рече да се јавам кај мои деловни пријатели во земјата и странство да побарам помош за да се најде некаква трага. Се јавив во Грција на деловен партнер да го прашам дали таму нешто се зборува, сведочеше дедото на Вања.
Тој појасни дека преку неговата ќерка добивал информација како тече потрагата.
На прашањето, дали син му работел, тој рече дека работел цело време, но со прекини.
-Работеше, цело време, со прекини од два-три месеци. Тие два-три месеци пред да исчезне Вања не работеше, рече сведокот, кој додаде дека Александар во тој период се издржувал од неговата пензија и пензијата на неговата мајка, кои секогаш биле тука да помогнат. Одговори и дека неговиот син немал долгови.
На прашањето дали Александар има проблем со зависности, рече дека имал во младоста, одел на лекување, се излечил и потоа се оженил.
Мајката на Александар сведочеше дека откако син и се развел, во 2018 година, повторно се вратил да живее со неа.
-Работеше, 22-години имаше стаж, но една година не работеше, во 2023 година, имаше проблеми на работа. Ние сме голема фамилија, се почитувавме и помагавме едни со други. Земам 20.000 денари пензија, но материјална криза сме немале. Ми помагал поранешниот сопруг, ќерка ми…, сведочеше бабата на Вања.
На прашање на обвинителката дали се лекувал од зависности, и таа одговори потврдно.
-Тоа беше пред 20-30 години, се лекуваше од зависност од дрога, но тоа успешно се заврши, се излечи, рече мајката на Александар.
Таа посочи дека утрото на 27 ноември 2023 година се јавила снаата Зорица на син и Александар и го известила дека Вања ја нема.
-Секакви мисли ми се свртеа низ глава. Дека е грабната за органи, за проституција, рече бабата на Вања.
И двајцата сведоци посочија дека во нивниот дом никогаш не се споменало името на Љупчо Палевски Палчо и дека не го познаваат.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Валентина Вурмо