Свечено доделување на наградата „Пегаз“ за 2024 година и промоција на победничкиот роман „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски, ќе се одржат на 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“). Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Ехото на акробатите“ повеќе е граматика на љубовта, отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овојпат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. „Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 „глави“ и недоброј значенски „опашки“. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство… со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови.
Наградата „Пегаз“ по шести пат ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
ПР