Во Собранието денеска, пред спикерот Талат Џафери и генералната секретарка Цветанка Иванова, свечена изјава даде судијката Антоанета Димовска, која е нов член на Судскиот совет. Таа кажа дека ова за неа значи чест, но и голема одговорност.
„Се пријавив на конкурсот за да придонесам со своето искуство и знаење да се подобри сликата за судството. Знаеме дека сликата за судството во овој миг не е многу добра но постојат луѓе кои имаат сила, знаење и интегритет да ја подобрат таквата слика. Мислам дека ќе дадам скромен придонес, ќе дадам се од себе сликата да се подобри. Првиот чекор што би го направила во Судскиот совет е на седниците што се снимаат од медиумите за секој предлог ‘за’ и за секој предлог ‘против’ да се образложи. Тоа е она што мене ми пречеше порано, за што реагирав и во 2017 година. Тоа го очекуваат колегите од мене и тоа ќе го направам и ви ветувам дека тоа ќе го чуете наскоро“, изјави Димовска.
Судијата од Врховниот суд Наке Георгиев денеска си поднесе оставка од член на Судскиот совет непосредно пред да даде заклетва во Собранието и со тоа го отвори патот за неговиот син, Кирил, да биде избран за судија. Тој не дојде со својата колешка Димовска во Сообранието.
Со Димовска во Собранието беше претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев.
„Точно е дека во текот на денешниот ден колегата Наке Георгиев поднесе писмена оставка до Советот и од тие причини не се јавил на закажаната заклетва денеска. Тоа го констатиравме. Тоа е негов личен чин, негова причина и негова одлука. Веројатно би требало него да го прашате од кои причини со оглед дека беше претходно избран од страна на колегите од Врховен суд, а од друга страна следуваше заклетва за да почне да работи во Советот“, изјави Георгиев.