Сваровски громобрани на фамилијата

by fokus

Ние одиме во Стразбур, а во меѓувреме на сите нас, кои јавниот интерес не го третираме белоруски туку европски, ни останува да трпиме ДУШЕВНИ БОЛКИ од чудни судски пресуди кои најуспешно го уриваат УГЛЕДОТ на судството.

Како и во секоја „заробена држава“ од некоја партиска врхушка, очекувано беше Уставниот суд да ја верификува нарушената чест и углед на, според братучедот му, премиерот – доблесниот Сашо Мијалков.

А честа и угледот не му се урнисани од неговите дела во изминатава деценија, туку од изјавите на поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски. Гревот на „Фокус“ е што овозможил таквите наводи да добијат гласност.

Занимливо, но обвинувањата на Игор Илиевски за злоупотреби адресирани до висок функционер, за највисокиот суд не содржеле информации од јавен интерес. Ова ќе да е според белоруски стандарди!

Можете да имате сто „свиркачи“ што ќе ги посочат за злоупотреби, ама за судот тие не се кредибилни. За Игор дури срочија дека бил нерелевантен затоа што е бивш амбасадор. Ама само братучедот и кога е бивш шеф на тајната полиција е кредибилен и релевантен.

Може и стотина снимки да објавите каде што ќе ги слушате нивни „доблести“, ама и тоа за судот е нерелевантно, дури и како индиција.

Да, согласно веќе редовните судиски производи, во интерес на јавноста е само да се воспеваат и величаат ликовите и делата на фамилијата.

Уште повеќе, уставните судии дошле до епохално сознание дека  интенцијата на „Фокус“ била „да се започне пренесување на гласини, кои сериозно повредувале нечие право на чест и углед“.

Значи кога тазе ексамбасадор во државата Чешка, во која Мијалков имал бизниси, а и често патувал, ќе соопшти нешто што не му оди во прилог на честа и угледот – тоа е гласина. Е кога едикојси крими-тип ќе соопшти дека слушнал нешто кога некој друг разговарал со некого, е тој „согласно законот“ е заштитен сведок и адут да се осуди Љубе Бошкоски за „психолошко помагање на убиство“.

Следствено, 102 отсто сум убедена и дека нашата апликација до Врховниот суд ќе заврши со бисерна, да не речам сваровски-пресуда во корист на доблесниот ни тужител. Но, моравме да тропнеме и на овие преродбеничко-судиски порти, за да можеме да го испратиме ова досие во Судот за човекови права во Стразбур.

А кога сме веќе кај клеветите и судството, ме изнасмеа Стефчо Јакимовски. Грмна онака громовски што некој нивен бил осуден за навреда и клевета на Зоран Заев со триста илјада денари. А човекот само јавно ја коментирал снимката „за Вицето“ што ја гледала цела Македонија.

Е и снимката за Македонска банка ја слушаше цела Македонија, ама Заев беше осуден, не на триста, ами на три милиони денари во полза на Груевски. Ама така е тоа кога фамилијата си има едно чудо громобрани низ судските палати.

Е тоа, пак, што Заев имал душевни болки од навредата на громовецот, лидерот Стефчо луцидно ја искоментира дека душевна болка се лечи во Бардовци и во Демир Хисар. И, демек, ќе ги уплателе парите од отштетата за Заев на овие институции.

Е фино! Ама психијатриските вештачења за душевните болки на Сашо Мијалков, Никола Груевски и на Гордана Јанкуловска беа речиси редовна практика при нивните тужби за клевета и навреда. А бајаги тужеа оти душевни болки трпеа. И низ психијатриски ординации шетаа.

И сега, барем според теркот на Стефчо Јакимовски, излегува дека фамилијата одамна била зрела за Бардовци или Демир Хисар!? Или, за нивните душевни болки лекот лежи во друга дестинација!?

Како и да е, ние одиме во Стразбур, а во меѓувреме на сите нам, кои јавниот интерес не го третираме белоруски, туку европски, ни останува да трпиме ДУШЕВНИ БОЛКИ од чудни судски пресуди кои најуспешно го уриваат УГЛЕДОТ на судството.

Поврзани новости