Додека земјава е зафатена од топлотен бран и температурите на воздухот надминуваат 40 степени Целзиусови, бурни се јавните реакции на родители на ученици, по повод измените кои лани ги донесе Владата, учебната година да трае до 17-ти јуни.
Во неклиматизирани училници, без соодветни услови, родители реагираат дека децата им се дехидрирани, и на социјалните мрежи, во групи посветени на школството, бараат распустот веднаш да започне.
– Бев во училницата на моето дете. Ми пријдоа да ме поздрават 19 снемогнати, препотени, дехидрирани, сварени дечиња… секако и учителката не беше во подобро расположение! Зошто 17-ти јуни? Зошто? – објави денес на својот профил актерот Сашко Коцев, а неговата објава наиде на голема поддршка од родителите.
Како потсетување, лани во јули на предлог на Министерството за образование и наука, Владата одлучи учебната година да почне на први септември, а првото полугодие да заврши на 29-ти декември 2023 година.
Од 30-ти декември учениците да користат зимски одмор, а второто полугодие да почнува на 22-ри јануари.
Во периодот од 29-ти април до шести мај 2024 година, учениците да бидат на пролетен распуст.
Учебната година ќе трае до 17-ти јуни за основците, а летниот одмор почнува на 18-ти јуни и завршува на 31-ви август 2024 година.
Бурни се реакциите и околу пролетниот распуст, кој повеќето родители го сметаат за непотребен. Наместо тоа, бараат да се продолжи зимскиот распуст, бидејќи често се случува во зима училниците да не се доволно затоплени, и неретки се поплаките дека се штеди на греење.
– Како да им се докаже на оние кои седат во климатизирани кабинети, и кои ја донеле оваа одлука, дека истата е погрешна? – прашуваат загрижени родители, во очекување дека нивните апели ќе допрат до Министерството за образование.
Вики Клинчарова