Музичарите од земјава сметаат дека се дикриминирани, по последната владина одлука да се дозволат свадби со жива музика. Велат дека не можат да ја разберат логиката на последната официјална објава по одлуката на владата за олабавување на мерките, и прашуваат зошто свадбите и музичарите кои настапуваат по свадби би биле привилегирани во однос на другите.
-Каде се протоколите за мали настани (кафиќи, ресторани, ноќни клубови, барови, кафеани, и други угостителски објекти) кои ви ги предадовме изминатото лето? До кога ќе трае оваа дискриминација, бидејќи за тоа се работи, за дискириминација?- прашуваат во јавното обраќање од ЗУПМ ,,Музика сега”.
Бараат да се укине мерката од Службен весник бр.240 од 05.10.2020 – Прилог број 7 и 8 точките број 13 и 15, со цел сите да можат да започнат со настапи.
– Ова е нашето последно обраќање во кое ја користиме оваа интонација и динамика во изјавата! Како што и претходно потенциравме, ние како Здружение за унапредување на правата на сите музичари без разлика на националност и етникум, досега во целост се трудевме да изградиме коректен однос со надлежните институции следејќи ги сите протоколи во комуникацијата, конструктивно и достоинствено, одговарајќи на сите нивни задачи и предлози за наша организација, со цел да послужат како стожер во изградбата на функционална инфрастуктура во корист и заштита на цела една професија од непроценлива културна вредност. За жал исходот од нашите културни напори за позитивни резултати и со помош на државните органи да ја ублажиме болката од стрмниот финансиски пад и деградација на цел еден еснаф, го знаете сите- појаснуваат.
На крај, додаваат дека доколку не бидат сослушани и сериозно сфатени, и доколку не бидат ислушани нивните молби и барањата за укинување на мерката од (Службен весник бр.240 Прилог број 7 и 8 точка број 13 и 15), овој петок 04.06.2021 година најавуваат протест на сите музичари и музички работници во земјава.
Вики Клинчарова