Денеска (10.09.2024) од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамките на криминалистичка истрага „Кипер“, беше спроведена координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела што се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти. Криминалистичката истрага се спроведуваше од септември 2023 година до јуни 2024 година над организираната седумчлена криминална група, која делуваше на тeриторија на Република Северна Македонија. Имено, организаторот на криминалната група В.С. (39) од Штип, со умисла и од користољубие, а со цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, заедно со Д.Н. (28) од Злетово, Г.А. (52) од Пробиштип, В.Д. (50) од Р.Србија, Д.Л. (46) од Велес, И.Л. (23) од Велес и С.П. (29) од Велес, во соработка со У.Н., лице по потекло од Пакистан и засега непознато лице од Р.Србија, организирале криминална група во Република Северна Македонија, која извршила криумчарење на поголем број мигранти, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист.
Организаторот на криминалната група, В.С. со У.Н. од Пакистан преку телефонска и интернет комуникација ja договарале локацијата и бројот на илегални мигранти за транспорт, а потоа членовите на организираната криминална група ги прифаќале илегалните мигранти на локации во околината на Гевгелија и Дојран, ги сместувале во специјално изработени импровизирани бункери, во делот за товар на товарните возила и ги превезувале до договорените локации во кумановско-липковскиот регион. По пристигнување, илегалните мигранти во организација на В.С. и засега непознато лице од Р.Србија, биле времено сместувани и засолнувани во објекти на членови, соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ. Оваа организирана криминална група за време на своето делување организирала криумчарење на поголем број мигранти, најголем број по потекло од Сирија, дел од Конго и Ирак, кои претходно веќе пристигнале и одреден временски период престојувале на територијата Р.Грција. При реализацијата на оваа криминалистичка истрага беа вклучени полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции и Одделот за форензички испитувања, при што претреси беа извршени кај пет лица во вкупно пет објекти, лоцирани на подрачје на Штип, Злетово, Пробиштип и Велес.
Лишени од слобода се пет лица, по едно лице се трага, а едно лице – член на криминалната група веќе издржува мерка притвор во КПУ Затвор Скопје. за сторено кривично дела „криумчарење мигранти“.
При извршените претреси пронајдени и одземени се: патничко моторно возило, прашкаста материја, вага, мобилни телефонски апарати кои лицата ги користеле за извршување на кривичното дело, СИМ картички итн. Во соработка со КПУ Затвор Скопје, извршени се прегледи кај лицето кое е во притвор, при што пронајден е мобилен телефон. ОСОСК до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против седум лица и тоа против В.С. за сторени кривични дела „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 1, како и “криумчарење на мигранти“ предвидени и казниви по член 418-б став 4 во врска со став 2 од КЗ, против Д.Н., Г.А., В.Д., Д.Л. и С.П. заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2, како и “криумчарење на мигранти“ предвидени и казниви по член 418-б став 4 во врска со став 2 од КЗ, против И.Л. за сторено кривично дело „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2, во врска со член 24 „помагање“ од КЗ.
Пријавениот В.Д. од 19.03.2024 издржува мерка притвор во КПУ Скопје, а против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 418-б „криумчарење на мигранти“. предвидено и казниво во КЗ.