Македонската полиција во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и српската полиција реализираше случај во кој е идентификувана и сузбиена организирана криминална група составена од шест лица кои биле инволвирани во недозволена трговија со наркотици, кокаин и марихуана, при што уапсени се пет лица, а едно лице од групата е во притвор во Србија.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на денешната прес-конференција информираше дека како резултат на криминалните активности на групата, во текот на 2017 година на територија на Република Србија биле запленети 128,67 килограми марихуана, како и 440 грама кокаин и 1.330 грама смеса за мешање фанацетин и манитол.
– По низа оперативни мерки и активности вчера врз основа на судска наредба извршени се претреси на неколку локации на подрачје на Тетово и Прилеп. Обезбедени се докази за два транспорти на наркотична дрога и остварена е соработка помеѓу МВР и ЈО на Република Македонија и Република Србија, изјави Ангеловски.
Посочи дека во првиот случај е утврдено дека лицето Н.Д. (33) во Прилеп и Б.Е. (43) во Тетово во текот на септември минатата година од лице од Белгија набавиле околу 0,5 килограми кокаин по цена од 25.000 евра и смеса за мешање со намера со автомобил да го пренесат од Белгија во Република Македонија.
– На 23.09.2017 година на излез од Република Србија на граничниот премин Прешево од страна на српски полициски и царински службеници сопрено е возило мерцедес со белгиски регистарски ознаки управувано од Н.Д. по што истиот се дал во бегство, илегално ја преминал границата и влегол во Република Македонија. Во возилото пронајдени се два пакети наркотична дрога кокаин и смеса за мешање, рече Ангеловски.
Во рамки на вториот случај, рече Ангеловски, утврдено е дека лицето Ј.И. (41) од Тетово набавил наркотична дрога марихуана, ја складирал на територија на Косово, по што заедно со лицето А.М (53) од Тетово ја сместиле во товарно моторно возило и го ангажирале лицето И.И. (70) од Тетово да изврши трнспорт на марихуана за одреден паричен надомест од Косово до Србија.
Од МВР ќе биде поднесена кривична пријава против лицата Н.Д., Ј.И, А.М., Е.Б., И.И., за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и репрекурсори.